Жителите на ул. Бањалучка бр.13 (нас. Тафталиџе 2), ќе добијат нов покрив на својот индивидуален станбен објект во должина од 172 м2. Досегашните дотраени салонитни азбестни табли ќе бидат заменети со висококвалитетен бел ребраст лим, кој за нив го донираше Општина Карпош. По тој повод денеска, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, направи увид во градежните работи на оваа локација.
Овој проект кој го реализира локалната самоуправа за поддршка на карпошани за менување на азбестните покриви на станбените објекти, е единствен проект од ваков вид, не само во Македонија, туку и во Европа. Конкретно набавката на новиот лим за оваа куќа ја чинеше Општина Карпош околу 75.000 денари. Оваа иницијатива е само уште еден доказ за извонредната соработка која функционира меѓу граѓаните и Општина Карпош. – истакна Јакимовски.
Првиот човек на Општината посочи дека новиот лим ги задоволува современите градежни стандарди, што во моментов се применуваат ширум светот и затоа, локалната самоуправа планира да ги замени сите азбестни покриви на своја територија до 2020 година.
Ова е веќе 37 куќа кај која се реконструира стариот покрив од средства кои ги обезбеди нашата Општина. Досега со наша помош беа променети покривите на 14 колективни станбени објекти. Имено, ние ги покриваме трошоците за набавка на лимот, хоризонталните олуци, ветер-лајсните, слемето и опшивките околу оџаците и вентилациите. Граѓаните обезбедуваат средства за работна рака и го бираат изведувачот на градежните активности – додаде градоначалникот Стевчо Јакимовски.