Здружението “ За нас се работи “, кое веќе подолго време во Битола се залага за чист воздух во градот, незадоволни од односот на локалната самоуправа и нејзиниот игнорантски однос за решавање на овој проблем, најави масовни протести за в сабота, 13 деќември пред зградата на Општината.
Портпаролот на Здружението, актерот Иван Јерчиќ, на денешната прес- конференција истакна дека и покрај сите обиди засега не дошло до директна средба со градоначалникот на Битола, Владимир Талески , а и нема никаква најава дека е прифатено некое од нивните барања.
Токму затоа, Здружението одлучи в сабота да го организира својот втор протестен марш низ битолските улици, кој овојпат ќе се одржи под мотото “ Марш за живот”.
На протестот тие ќе бараат да се утврдат прецизни мерки и рокови кои ќе треба да ги преземе општината Битола како клучни за елиминирање на загадувањето на воздухот во Битола.
Протестот ќе се одржи пред зградата на општината и ќе трае од раните утрински часови до попладне, кога завршува работното време на локалната администрација.
Доколку и в сабота не дојде до средба со градоначалникот ВладимирТалески и не се исполнат нивните барања, Здружението најави и други масовни собирања кои ќе се одржуваат од нивни активисти секој работен ден.
Здружението на граѓани “ За нас се работи “ на денешната прес- конференција ги повика членовите на сите политички партии масовно да им се придружат на протестот, бидејќи како што рече сите ние дишеме ист воздух, а воедно Здружението му искажа поддршка на протестот на студентите кој ќе се одржи утре во Битола и на кој ќе учествуваат и тие како Здружение.
Б.В.