Марсел Рев од Будимпешта, кинематографер во филмот „Месечината на Јупитер“ на водечкиот режисер Корнел Мундрузо, кој годинава се натпреваруваше и на фестивалот во Кан, е годинешен добитник на наградата златна „Камера 300“ што ја доделува ИФФК „Браќа Манаки“.
Претседателот на меѓународното фестивалско жири, норвежанецот Пол Рене Ростад, вели дека унгарскиот кинематографер Марсел Рев наградата ја добил заради визуелната енергија и исклучителната креативност во пренесувањето на приказната низ моќни слики.
– Не подготвив говор. Не очекував дека ќе добијам вака високо признание. Конкуренцијата за награди беше голема, а јас се чувствувам прекрасно што сум тука, честитам на сите. Прекрасно беше да се биде во Битола и благодарам на битолската публика. Оваа награда му припаѓа на целиот тим што го подговуваше филмот, истакна Рев.
Тој дипломирал на Унгарската академија за филм и драма, отсек кинематографија и освен филмот „Месечината на Јупитер“ во својата кариера снимил 10 филмови од кои 5 се долгометражни.
Меѓународното фестивалско жири одлучи сребрената „Камера 300“ да му ја додели на кинематограферот Рајнер Клаусман во чии раце беше камерата за филмот „Од ништо“, бронзената „Камера 300“ ја доби кинематограферот Дејан Димески кој го снимаше филмот „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ, наградата мала златна „Камера 300“ му припадна на кинематограферот Наум Доксевски за краткиот македонски филм „Види ја ти неа“, а специјално фестивалско признание му беше доделено на кинематограферот од Русија, Данил Фомичев.
На вечерашното свечено затворање на фестивалот, министерот за култура Роберт Алаѓозовски на македонскиот режисер Милчо Манчевски му додели специјална награда златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност и истакна дека овој единствен фестивал посветен на браќата Манаки кои во Битола ги создадоа нивните драгоцени снимки овозможува како што рече министерот Алаѓозовски, ние преку нив и ден денеска се легитимираме во светот давајќи и на Битола култен статус, како место каде што се свртела првата камера на Балканот.
– Нашите филмски работници уште пред 40 години ги споија овие факти и создадоа бренд што сеуште зрачи со својата единственост меѓу денешниот океан од безброј филмски фестивали во светот. Но освен филмските работници, признание заслужуваат вистинските домаќини на фестивалот – битолската публика. Оваа публика е нашиот центар, оваа публика сме сите ние, токму заради љубителите на уметноста фестивалот треба да продолжи да се развива како грижливо креирана прослава на филмот со возвишена почит кон директорите на фотографија и нивната посветеност во конструкцијата на естетиката на подвижните слики, истакна министерот Алаѓозовски.
Министерството за култура ќе продолжува со суштинска поддршка на фестивалот и таа ќе биде насочена кон подобра и постабилна иднина и развој на фестивалот во духот на современите трендови на филмската уметност, нагласи министерот за култура Роберт Алаѓозовски на вечерашното свечено затворање на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола,
Црна дамка на фестивалот како на отворањето,така и на затворањето остави бојкотот на градоначалникот Владимир Талески, кој не ги удостои гостите и филмските работници со своето присуство, како и бојкотот од неговите послушници, директори на јавните претпријатија кои го бојкотираа фестивалот и не ги поделија влезниците.