По дваесет дена маратонски реплики и контрареплики, ВМРО-ДПМНЕ се откажа од дискусијата за разрешување на Зврлевски. Откако антикорупциската комисија едногласно одлучи дека за разрешувањето на државниот јавен обвинител постои законска пречка, опозицијата попладнево ја напушти седницата со образложение дека не сака да биде дел од противзаконска постапка.
„Со цел да не бидеме дел, во овој момент, и официјално против законската постапка, во овој момент, пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија во овој момент ќе ја напуштат оваа точка од седницата и повеќе, иако се пријавени за девет луѓе за дискусија, односно сето тоа може да се одолговлекува уште многу денови, повеќе нема ниту со дискусии, ниту со реплики ниту со процедурални забелешки да учествуваат во оваа анти законска и против законска постапка“, вели Илија Димовски.
Мислењето на антикорупциската комисија е незаконско и ги прекршува Уставот и Деловникот на собранието, одговори собранискиот спикер Талат Џафери.
„Комисијата неовластено се обраќа до собранието и со тоа го прекршува уставот и деловникот за работа во собранието и ова писмо што на ваков начин ми е доставено не произведува формално-правни обврски“, вели Талат Џафери.
Мислењето на комисијата за спречување на корупција е потпишано од претседателот Игор Тануровски и пратено до Џафери и четворица пратеници од опозицијата и во образложението стои дека од денот на распишување на изборите до нивно завршување и избор на нова Влада, претседател или градоначалници, постои законска пречка да се разрешат или именуваат лица во државни институции, каде надлежни за нивно разрешување се Владата или Собранието. Од друга страна, власта која реши да не учествува во дискусии останува на ставот дека Зврлевски е разрешен од челната позиција на обвинителството, но останува да работи како обвинител.