Don't Miss
Home / Вести / Божиновска: Создаваме мрежа на македонски енергетски умови ширум светот-средба со истакнатата македонска инженерка во Германија, Ангела Попова

Божиновска: Создаваме мрежа на македонски енергетски умови ширум светот-средба со истакнатата македонска инженерка во Германија, Ангела Попова

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со задоволство објавува значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално прават значаен напредок во странство.

Во оваа насока, министерката Божиновска оствари средба со Ангела Попова, истакната млада инженерка. Ангела е електроинженер со магистерски студии по електроенергетика (М.Sc ) на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ги продолжува и своите докторски студии.

Нејзиното истражување е фокусирано на пренос на електрична енергија преку високонапонски системи, при Катедрата за пренос и дистрибуција на електрична енергија на истиот универзитет. Таа активно учествува во меѓународни проекти и претставува силен глас на новата генерација македонски инженери кои својата експертиза ја применуваат на европско тло.

На средбата, Божиновска и Попова разменија идеи за потенцијалната соработка, важноста на поврзаноста со нашите експерти во странство и начините на кои тие може да придонесат за трансфер на знаење, консултативна поддршка и отворање нови можности за институционална и деловна соработка.

Оваа средба претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.

Поврзувањето со нашите талентирани сограѓани во странство е клучно за зајакнување на нашиот енергетски сектор и поттикнување на иновациите. Преку соработка со нашите угледни инженери и професионалци, можеме да ги искористиме нивните знаења и увиди за подобрување на нашите стратегии и цели за развој во Македонија“, истакна министерката Божиновска.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е цврсто посветено на градење на оваа мрежа и отворање канали за комуникација и соработка со нашите професионалци надвор од земјата.

Оваа платформа ќе придонесе за побрз развој на секторот, заснован на знаење, иновации и глобални искуства.

Ги повикуваме сите македонски професионалци во странство кои се активни во областа на енергетиката и рударството да стапат во контакт со Министерството и да станат дел од оваа мрежа.

Исто така, доколку познавате некој истакнат експерт -колега, пријател, професор или истражувач-ве охрабруваме да ни испратите информација (име, институција, поле на дејствување), а ние ќе се погрижиме да воспоставиме контакт.

Контакт информации и официјалните адреси на Министерството се достапни на нашата веб-страница www.ea.gov.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*