Don't Miss
Home / Вести / Белата куќа: Русија и Украина договорија мир во Црното Море

Белата куќа: Русија и Украина договорија мир во Црното Море

Вашингтон објави дека САД и Русија постигнале договор за обезбедување сигурна пловидба во Црното Море, што беше една од клучните цели на преговорите. Исто така, беше договорено дека нема да има напади врз енергетската инфраструктура ниту во Русија, ниту во Украина.

Покрај тоа, Вашингтон ќе ѝ помогне на Русија да го врати пристапот до глобалниот пазар за извоз на земјоделски производи и вештачки ѓубрива, вклучително и намалување на трошоците за осигурување на бродови и олеснување на пристапот до пристаништата и платните системи за овие трансакции.

Белата куќа исто така потврди дека САД и Украина се согласиле за продолжување на американската посветеност за враќање на присилно земените украински деца.

Во соопштението на Белата куќа за Русија се вели: „САД и Русија се договорија да обезбедат сигурна пловидба, да ја елиминираат употребата на сила и да спречат употреба на трговски бродови за воени цели во Црното Море.

САД ќе помогнат да се врати пристапот на Русија до светските пазари за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, да се намалат трошоците за поморско осигурување и да се подобри пристапот до пристаништата и платните системи за таквите трансакции.

САД и Русија се договорија да развијат мерки за спроведување на договорот меѓу актуелниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за забрана на напади врз енергетски објекти во Русија и Украина.

Соединетите Држави и Русија го поздравуваат посредувањето на трета земја со цел поддршка на спроведувањето на енергетските и поморските договори.

САД и Русија ќе продолжат да работат на постигнување траен мир. Соединетите Држави го повторија барањето на претседателот Доналд Трамп дека убиствата на двете страни од руско-украинскиот конфликт мора да престанат како неопходен чекор кон одржливо мировно решение.

Во тој поглед, САД ќе продолжат да посредуваат во преговорите меѓу двете страни за да се постигне мирно решение во согласност со договорите во Ријад“.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека Украина се согласила на договор кој „обезбедува сигурна пловидба, ја елиминира употребата на сила и спречува употреба на трговски бродови за воени цели во Црното Море“.

Украинската и американската делегација денеска разговараа во Саудиска Арабија.

Умеров додаде дека Киев верува дека секое заминување на руски воени бродови надвор од источниот дел на Црното Море ќе претставува кршење на духот на овој договор. „Во тој случај Украина ќе има целосно право на самоодбрана“, рече Умеров.

Користејќи речиси идентична формулација како Белата куќа, Умеров истакна: „Сите страни се согласија да развијат мерки за спроведување на договорот на претседателот за забрана на напади врз енергетски објекти во Украина и Русија“.

Кремљ и официјално потврди дека Русија се согласила на ограничен прекин на огнот поврзан со Црното Море.

Тие велат дека договорот е условен со укинување на санкциите за руските банки вклучени во меѓународната трговија со храна и ѓубрива и со поврзување на Свифт – систем кој овозможува сигурна финансиска комуникација меѓу банките.

Извор mkd.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*