Home / Вести / Битолската пожарна најстарата противпожарна единица на Балканот, ќе добие нов противпожарен дом

Битолската пожарна најстарата противпожарна единица на Балканот, ќе добие нов противпожарен дом

По речиси повеќе од еден век, битолските пожарникари ќе добијат нов противпожарен дом.

Деновиве, во поранешната Касарна започна изградбата на новиот противпожарен објект, капитална инвестиција која со децении беше ветувана од претходните локални власти.

Целосно е отстранет стариот руиниран објект на некогашниот армиски магацин во поранешната касарна, а новиот објект согласно проектната документација предвидува 1600 м² новоизградена површина при што конечно ќе се подобрат условите за работа во една од најстарите противпожарни единици на Балканот.

Горан Димкоски, заменик командир на Територијалната противпожарна единица во Битола вели дека битолските пожарникари со нетрпение го очекуваат новиот објект кој според проектот ќе ги задоволува сите стандарди и услови за функционирање на противпожарната единица.

-Пристапот е добро осмислен и местоположбата е добра, што значи градот ќе го имаме како на дланка, полесно за стигнување и интервенирање и кон центарот, и кон Буковски дел и Брусничка населба, оти имаме и нова инфраструктура околу касарната. Новиот противпожарен дом ќе ги има сите потребни елементи за правилно функционирање со нов диспечерски центар-вели заменик командирот Димкоски.

Тој додава дека во стариот објект на Булеварот 1-Мај, условите за работа се тешки, а амбиентот оставен од турско.

-Тешки се условите во кои работиме со децении наназад. Тешко се исполнуваат стандардите за професионално работење на пожарникарите. Има многу недостатоци, немаме место за вежбање, санитарниот чвор е во хаотична состојба, објектот се распаѓа, цел мебел е стар од деведесеттите години-додава Димкоски.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски вели дека изградбата на новиот противпожарен дом е еден од најголемите приоритети на оваа локална самоуправа.

-Со забрзана динамика се одвиваат градежните активности за изградба на новиот противпожарен дом. Новиот објект ќе ги исполнува современите стандарди за ваква градба и согласно проектната документација предвидува 1600 м² новоизградена површина. Објектот, ќе има приземје, кат, гаража и простор за седум противпожарни возила. Објектот ќе биде во согласност со современите стандарди, правила и прописи за непречено функционирање на противпожарната единица која ги покрива општините Битола, Новаци и Могила, а пожарникарите од најстарата противпожарна единица на Балканот, конечно ќе добијат услови за работа, какви што навистина заслужуваат. Вкупната вредност на склучениот договор за изградба на новиот противпожарен дом изнесува 52.824.773 денари-информираше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Во Битолската пожарна моментно се вработени 41 пожарникар, иако по Правилник единицата треба да брои 65 пожарникари, односно еден пожарникар на 1.500 жители.

Битолската Противпожарна единица, формирана со повелба на Румелискиот Валија во 1836 тата, на 20 мај годинава, ќе одбележи 188 години постоење.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*