Home / Uncategorized / Денот кога Македонија рече НЕ

Денот кога Македонија рече НЕ

Само уште 2 дена не делат од Илинден, Денот кој со крвави и златни букви е запишан во многувековната македонска историја, кога Македонскиот народ на  празникот Св. Илија, на  2  август 1903  година  се одзва на Крушевскиот Манифест и заедно со сите народи и етнички заедници, кои живееја тогаш во  поробената Македонија, под знамето на слободата,  се крена  на востание против вековното  Османлиско ропство.         

Пред  големиот христијански празник  Илинден,1903 година, пред точно 121 година, македонските револуционери и востаници  требаше да ја донесат историската одлука дали да се кренат на востание, или пак да продолжат да го трпат теророт на Османлиите, за кои, покрај сите  наметнати давачки кои ги даваа во натура,  плаќаа дури и данок во крв.

Иако свесни дека  било која одлука да ја донесат последиците ќе бидат тешки и  скапо платени, со голем број  човечки животи и дека нивните шанси да му се спротистават на далеку помоќниот Турски аскер се речиси никакви, Конгресот на Македонската револуционерна организација, одржан во Солун, донесе  одлука да се крене оружено востание при што започнувањето и водењето на востанието им беше  препуштено на окружните комитети.

По таквата одлука во Солун, Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан во Смилево, одлучи да се крене општо ослободително востание и избрал Главен востанички штаб состав: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев, кој донесе одлука востанието да започне на денот Свети Илија, 2 август 1903 година

Застанати под знамето на слободата, камата и пиштолот, одлучија да се кренат на востание.

Заклетвата беше “Слобода или смрт”

Во името на слободата македонските револуционери ја избраа смртта. Својот живот и смртта беше влогот што востаниците одлучија да ги дадат за ослободувањето на Македонија од вековното турско ропство. Иако речиси сите беа во цутот на својата сеуште нерасцветана младост, тие одлучија  да се фатат за своите пушки малихери и да ја почнат борбата за ослободување од вековното ропство и да му покажат на светот дека Македонскиот народ одлучи сам  да му каже НЕ на Османлиите, НЕ на теророт, НЕ на угнетувањето, НЕ на петвековното ропство.                                  

Водени од својот вековен идеал за  слобода и своја автономна држава, Македонскиот народ и народите кои живеаја на напатената македонска земја, одлучија да се кренат на востание.

Иако слабо вооружени, само со пушки малихери и едно црешево топче, македонските востаници тргнаа против далеку побројниот и помоќен турски аскер да ја освојат слободата.

Тоа во  што никој не веруваше, се случи. Македонија ги порази Турците и создаде своја Република, прва на Балканот, Крушевската Република.

Крушевската Република беше симбол на слободата и на остварувањето на вековните идеали  на македонкиот народ за своја самостојна, независна, суверена автономна држава Македонија.             На Илинден 1903 година,  камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден објавија дека  околу 800 востаници го ослободиле  градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и стана нејзин претседател. Подоцна  Републиката  избра свој Совет и  Привремена влада, избрани од народот.

Тие денови беше објавен  Крушевскиот манифест, во кој се соопшти дека македонскиот народ се крена на воружена борба против тиранската власт и насилниците, а не против сиромашното муслиманско население, дека востаниците не се разбојници, туку револуционери, па затоа тоа да не се плаши, да остане мирно и дека во автономна Македонија сите ќе имаат еднакви права и слободи. Слободната Република траела десет дена.

Но на истекот на десеттиот ден од Крушевската република под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргна во пресметка со макеоднскте востанци  за враќање на власта во Крушево.

 Далеку помоќниот турски аскер со сите сили и орудија тргна во контра напад и со жестоко бомбардирање на Мечкин Камен крваво го задуши востанието. Крушевската република не само што беше  крваво задушена, туку Турскиот аскер жестоко се пресмета со македонските востаници и револуционери. Крушево беше буквално пеплосано. Но, во тие разрушени и пеплосани куќи остана да тлее вековниот идеал на македонскиот народ за слобода и своја автономна независна и самостојна  држава.

Тој идеал го препозна дури и Турскиот аскер, кој воодушевен од храброста на македонските востаници, на Мечкин Камен, со свечен плутон му оддаде почит на загинатите херои и востаници.    Низ историјата Македонија во неколку наврати била пред дилемата дали да каже ДА или НЕ.

Воден од вековната желба за своја суверена и самостојна држава, за воскреснување на идеалите на  Крушевската република, Македонскиот народ и сите народи и народности кои живеат во Македонија, по распаѓањето на екс Југославија, на 8 септември 1991 година, на Референдумот со плебисцитарно изјаснување се определи по мирен и демократски пат да создаде своја самостојна, независна и суверена држава Република Македонија и да истапи од Југословенската федерација.           

Од Илинден 1903 изминаа 121 година, а од  8 септември 1991 година, изминаа цели 33 години,  но  Македонија сеуште се бори за својот идентитет и целосен   меѓународен суверенитет.

 Во изминатите  33 години, како и Македонските револуционери и идеалози во 1903 година, така  и македонските политичари, како на 8 септември 1991 година така и  денес  биле и се  исправени пред дилемата дали да кажат ДА или НЕ.

Исправени пред поставените ултиматуми и изборот да се каже ДА или НЕ  македонските политичари честопати не знаеле кој пат да го фатат, но црпејки ја енергијата од  правдолубивиот и слободолубив народ и искажаната народна волја најчесто носеле исправни одлуки.

Пред такви дилеми биле  и денес се македонските политичари  кои цели 33 години се обидуваат  да ја потврдат својата историска и вековна волја и желба  на македонскиот народ за своја  самостојна, суверена и независна држава, која би била дел од Европското семејство.

Но за жал на тој пат над  три децении нашите соседи, кои никогаш не ги криеле своите аспирации и апетити, не избирајки средства и  начини се трудат да не спречат да бидеме тоа што  историски сме, дел од Европа.

 Кога се мислеше дека со смената на името и исполнувањето на условот на Грција, на Македонија широко му се отвори патот за Брисел, стигна нов ултиматум, од источниот сосед, Бугарија, која не сака да ја пропушти шансата конечно да ги исполни своите вековни стремежи и апетити, да ја бугаризира Македонија.              Иако Бугарија беше меѓу државите која прва ја призна Република Македонија по Референдумот 1991 година, сепак Бугарија никогаш не ги криеше своите отворени   негации за идентитетот и македонскиот народ, јазик , историја, култура.

На неодамна  одржаните претседателски и парламентарни избори и уверливата победа на опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата  “Твоја Македонија “     македонскиот народ и граѓаните  на Македонија речиси плебисцитарно се изјаснија  во каква држава сакаат да живеат и дека тие сакаат да станат членка на ЕУ, но не  по цена да се обезличат и да се откажат од својот национален и државен идентитет.

На тие избори се поразени политиките на постојана понизност и попустливост. Македонија е изградеа на цврсти темели, во кои се вградени илјадници  млади животи, кои почнувајќи од првото востание се бореле за своја самостојна, суверена, автономна и независна држава, Република Македонија .

Но во сите тие борби и востанија, кои најчесто биле крваво задушувани сите борци и востаници биле обединети под  една идеја и знамето на слободата.

Оттаму, сега, пред претстојниот  голем празник, Илинден 2024 година, се чини дека е моментот кога треба наместо Бугарите, ние да ја препрочитаме нашата историја и да се навратиме 121 година назад, во нашето  славно  минато, доколку сакаме да имаме светла иднина.                                  

Македонскиот народ кога собра храброст на 2 август 1903 година, обединент под знамето на  слободата  да  му каже НЕ  на Отоманското царство, време е и сега, сегашните политичари да се обединат околу вековниот идеал на Македонските револуционери и востаници  и да кажат НЕ на  сите  поделби и  делби и да се обединат околу единствената идеја која сите  нас не обединува, а таа е самостојна, суверена и независна Република ( Северна ) Македонија да  влезе во ЕУ.

Македонија од нејзиното постоење ја  води  европската мисла и идеја. Таа мисла и идеја и сега не не напушта.

Кога станува збор за нашата сегашност  и  иднина барем декларативно сите политичаки партии  се за   влез на Македонија во европското семејство.

На тој план има целосен консензус.

Оттаму време е околу таа идеја повторно сите да се обединеме како што тоа на 2 август 1903 година го направија македонските револуционери и востаници, кои борејки се за својата слобода под заклетвата “Слобода или смрт”,  се определија за смртта, но со нивните изгубени животи, на тогашните  и сегашните генерации да ни донесат живот во слободна, независна и самостојна  држава, која како и за време на Крушевската република сама ќе го организира  животот  на овој напатен народ во своите граници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*