Советот на Општина Битола со 18 гласа „ЗА“ го донесе буџетот на Општина Битола за 2025 година кој тежи 44,8 милиони евра.
Градоначалникот Тони Коњановски во обраќањето пред советниците истакна:
„На претходната седница на Советот на Општина Битола, а дел денес како дополнителни точки, усвоени се Програмите за работа на Општината во следната 2025 година, со која воедно се заокружува 4 годишниот мандат на овој Совет и на мене како градоначалник. Со Вашата поддршка, почитувани советници, ќе имаме можност да инвестираме кон создавање подобра иднина за нашата Општина, преку реализацијата на проектите кои се дел од програмите и од буџетот во целина, а кои се за добробит на граѓаните и од урбаните и од руралните делови на нашата Општина. Клучните области, во кои сакаме да ги зголемиме инвестициите, а со тоа и да реализираме повеќе проекти се однесуваат на економскиот развој, патната инфраструктура, животната средина, урбанизмот, спортот и младите, културата и културниот туризам, едноставно преку подобри услуги за граѓаните, да живееме и да функционираме во општина, каде ќе има среќни и задоволни граѓани-рече градоначалникот Коњановски.
Според него доброто планирање и оправданоста на приоритетите е првиот чекор, а потоа за реализација на зацртаните проекти, неопходен е буџет.
„На денешната седница на Советот, точка на дневен ред е предлог буџетот, кој согласно законската регулатива и заложбите на локалната самоуправа за транспарентност и отчетност, покрај што беше доставен на разгледување на советниците, беше и јавно достапен на веб страницата на Општина Битола. Вкупниот буџет на Општина Битола за 2025 година ќе изнесува 2.760.088.393,00 денари, а висината на вкупниот износ во основниот буџет на Општина Битола ќе изнесува 1.337.988.670,00 денари. Со овој историски најголем буџет благодарение и на поддршката на Владата со средства во висина од над 220.000.000 денари за реализација на проекти од капиталната инфраструктура, најголемиот дел од средствата ќе бидат издвоени токму за оваа намена. Имено капиталните расходи во најголем дел се однесуваат на изготвување на проектна документација, изградба на улици и патишта, водовод, канализација во урбаниот дел на Општината, како и во руралниот дел на општината. Овие расходи се во функција на подобрување на јавните услуги и подобрување на инфраструктурата во општината. Учеството на капиталните расходите изнесува 26,92% од вкупниот буџет или дури 55,23 % од основниот буџет-додаде битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
За инфраструктурата накусо ги посочи проектите кои или се завршија во текот на оваа 2024 година или ќе продолжат да се изведуваат и ќе се реализираат целосно во текот на следната 2025 година, а тоа се:Изградбата на влезот во Битола од Прилеп, проект на кој активно работиме
Изградбата на улица кај новоотворениот трговски центар „БЛИС“ која е во финална фаза
Изградбата на нова противпожарна зграда каде исто така активностите на првата фаза се пред самиот крај и се очекува на почеток на идната градежна сезона да започнеме со втората фаза
Изградбата на новата детска градинка во АРМ во партнерство со „Кромберг и Шуберт“, која ќе продолжи со втората финална фаза идната 2025 година, за што е склучен договор со изведувачот и се обезбедени средства во овој буџет
Во завршна фаза е и адаптацијата на новата детска градинка во Домот за доенчиња и мали деца, по што ќе следува опремување на просторот, а веќе работиме и на решавање на проблемите кои беа затекнати за изградба на новата детска градинка кај основното училиште „Свети Климент Охридски“ за што сме во комуникација со ресорното министерство. Постоечкиот објект во состав на ДГ Славејче кој во минатото се користел од страна на градинката сега е адаптиран за згрижување на деца, со што се потврдува нашата заложба за зголемување на згрижувачките капацитети за најмладите.
Започнавме изградба на велосипедски патеки во должина над 5 километри и конечно започнуваме со реализација на идејата „Битола вело град“ и истите ќе бидат завршени во целост во првата половина на 2025 година.
Со поддршка на ПСК „Пелистер“ го возообновуваме опожарениот планинарски дом „Копанки“ и веќе со радост и гордост можеме да кажеме дека таму новиот објект е до фаза карабина и дека ќе се заложиме ова култно место за битолчани конечно повторно да ги отвори вратите за граѓаните
Во соработка со ФФМ го подготвивме стадионот „Петар Милошевски“ за ноќни натпревари и таму веќе се одиграа два натпревари под рефлектори
После многу напори и долги процедури, отворено е прифатилиштето за бездомни животни „Хачико“, како системски пристап во справувањето со проблемот со уличните кучиња
Изградена е пешачка патека на потегот Тумбе кафе-Смолево, омиленото место за рекреација на битолчани
Уреден е Новиот парк во Нова Битола и поставена е урбана опрема и спортски реквизити
По примерот на светските метрополи, осветлени се сите значајни архитектонски градби со што блесна најпознатата и најамбиентална улица во Битола, Широк Сокак, каде е поставена и нова урбана опрема.
Реконструирани или во завршна фаза на реконструкција се над 18 километри патна инфраструктура, од кои голем дел имаат целосна реконструкција на водоводна, канализациона мрежа, коловоз, а каде што е потребно и улично осветлување. Во инфраструктурните проекти се вбројуваат улици во урбаниот и руралниот дел на општината, меѓу кои: улици во Горно Оризари, Долно Оризари, Цапари, локалниот пат до с. Магарево, Стив Наумов, Индустриска, Бурса, „Нико Фундали“, „Солунска“, „Крушевска република“ и други улици, потоа уредени се нови паркинг простори, направени се хуманитарни паркинг простори, направен е нов кружен тек, реконструирани се спортските игралишта во ОУ „Елпида Караманди“ и Брусничка населба и други инфраструктурни проекти за кои најмногу сакам да им се заблагодарам на граѓаните за нивните предлози за време на буџетските форуми, но и за нивното трпение во интензивната градежна офанзива на општината, во која работиме на многу локации, со цел колку е можно повеќе да ги подобриме условите во општината и да реализираме повеќе проекти.
Битола повторно станува привлечна за инвестиции, се отвори трговскиот центар Блис, наскоро најавено е отворање на „Лидл“, а очекуваме и нови инвестиции во Индустриската зона „Жабени“. Реализирани се и повеќе проекти за подобрување на условите во основните и средните училишта во градот, проекти за поддршка на младите, учениците, студентите. Во делот на енергетската ефикасност, покрај спроведените субвенционирања, реализирани се и други активности, со што преку проектот „Сончеви училишта“, на 6 основни училишта поставени се фотонапонски централи за производство на електрична енергија. Фотоволтаици имаат основните училишта „Стив Наумов“, „Елпида Караманди“, „Коле Канински“, „Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во с. Кукуречани и „Крсте Петков Мисирков“ во с. Бистрица. Веќе една година, во објектот на подрачното основно училиште „Даме Груев“ и градинката во населбата Долно Оризари, работат поставените фотоволтаици и веќе, по една година, треба да ги добиеме првите резултатити на заштеда. Фотонапонски централи имаат и средните училишта „д-р Јован Калаузи“, „Ѓорѓи Наумов“ и гимназијата „Таки Даскало“. Ова значи дека со завршувањето на годината, 10 училишта во Битола ќе имаат фотоволтаици. Преку проект со УСАИД, во процедура е подготвување на комплетна проектна документација за енергетска ефикасност на 3 училишта и една градинка, а преку 16-те проекти од Владата, основното училиште „Стив Наумов“, ќе добие нова енергетски ефикасна фасада.
Засадени се над 1500 различни видови садници, односно дрвја, на 10 локации во градот, преку проектот EU4CleanAir (ЕУ фор клин ер), проект кој го работиме заедно со Европската Унија и УНОПС. И од овој проект очекуваме дополнителни бенефити околку грејните инсталации на неколку јавни објекти.
За првпат во државата, нашата Општина беше домаќин на Форумите за праведна транзиција, од кои произлезе и Визијата за Битола, како заеднички осврт на барањата на претставници на сите засегнати страни од јавниот сектор, образованието, науката, приватниот сектор и невладините организации.
Градоначалникот Коњановски додаде дека Општина Битола е лидер во транспарентност и отвореност во државата според анализите на Центарот за граѓански комуникации и „Метаморфозис“. Континуирано сме насочени кон подобрување на услугите на граѓаните преку постепено воведување на електронски услуги и зголемување на ефективноста и ефикасноста на работата на локалната самоуправа– додаде Коњановски.
СО ВЛАДИНА ПОДДРШКА И СРЕДСТВА ОД ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ за 2025 година ЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРААТ НОВИ НАД 30 ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА
Општина Битола, доби поддршка од Владата во висина од 230 000 000 за 16 проекти аплицирани со комплетна документација на Јавниот повик за изразување на интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА- Инфраструктурни проекти во општините. Ваквата поддршка е од огромно значење за комплетно подобрување на дел од инфраструктурата во урбаниот и руралниот дел на општината, како и за изградба и реконструкција на објекти од високоградба. Вкупната проектирана вредност за алицираните проекти изнесува 275 990 000 денари, за што потребното кофинансирање ќе го дообезбеди Општина Битола од својот Буџет. Во овие проекти се вбројуваат:
Реконструкција на улично осветлување на улица СТУ 3
Реконструкција на коловоз на локален пат за с.Буково
Реконструкција на коловоз на локален пат Трново – Магарево (последна фаза до граница со НП Пелистер)
Изградба на коловоз на улици од ДУП за БЛР 4 и дел од ДУП БЛР 4 блок 2 (улици 150,170,210)
Изградба на инфраструктура на улица СТУ 3 АРМ четврт 1
Реконструкција на коловоз на улица Панде Кајзеро
Реконструкција на коловоз на Булевар 1 Мај – јужна страна на река Драгор, од спој со улица Добривоје Радосвљевиќ со спој од улица Свети Наум
Реконструкција на улиците „11 ти Март“, „Панде Николов“, „Козара“ и „Чеде Филиповски“
Улично осветлување на улиците „11 ти Март“, „Панде Николов“,
Реконструкција на водоводна линија на патот Битола – село Поешево – село Логоварди
Изградба на фекална канализација и атмосферска канализациона мрежа на улици од ДУП за БЛР 4 дел и ДУП БЛР 4 дел блок 2 (улици 150,170, 210)
Реконструкција на канализација на улица „Панде Кајзеро“
Изградба на канализација на улица СТУ 3 АРМ четврт 1 (фекална и атмосферска со приклучоци)
Реконструкција на фасада – изведба на нова енергетски ефикасна фасада на ООУ „Стив Наумов“
Изградба на центар за спорт и рекреативни активности
Санација на Јужната трибина од фудбалски стадион „Петар Милошевски“
Дополнително, во развојната компонента, локалната самоуправа, согласно општинските програми, за следната година вклучува и реализација на следните проекти:
Изградба на паркинг простори кај „Овчи Пазар“
Изградба на паркинг простори кај „Ат Пазар“
Реконструкција на коловоз на улиците „Влатко Миленковски“, „Паца Ванчова“ и „Гаврило Принцип“
Изградба на коловоз на улична мрежа во с.Карамани
Реконструкција на коловоз на улица „7-ма Бригада“
Реконструкција на коловоз на улица „Караорман“
Реконструкција на коловоз на улиците „Љубојно“, „Мукос“ и „5-та“
Реконструкција на коловоз на улица „Христо Ботев“
Изградба на патот до манастирот Св.Меркуриј во с.Барешани
Реконструкција на коловоз на улица „Димитар Тодоровски“ (11-та)
Реконструкција на улици во населба Јенимаале
Реконструкција и изградба на 10 нови спортски игралишта
Исто така би сакал да напоменам дека Општина Битола има подготвена проектна документација со соодветни одобренија за ново инфраструктурни проекти во висина од над 10 милиони евра со кои ќе аплицира на новиот повик за проекти од капиталната инфраструктура кој ќе го објави Владата во првиот квартал на 2025 година.
„Моето обраќање е фокусирано на капиталната инфраструктура и вложувањето на средства во неа најмногу од причина што голем дел од дискусијата на советниците од Советот на денешната седница за однесуваше на тоа колку малку наводно средства ќе бидат издвоени за оваа намена. После ова излагање оставам на граѓаните да проценат кој е во право, што впрочем и ќе го кажат на следните локални избори. Почитувани, нашето знаење го насочуваме кон проекти за поубава Битола. Со заедничка соработка помеѓу Советот и градоначалникот, Битола може да биде поубаво место за живеење за сите нас-рече на денешната седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски.