Home / Колумни / Скопје во химната на Тирана

Скопје во химната на Тирана

Претходниот и овој месец сите очи не само на спортската јавности и фудбалските тифози, туку и на обичните граѓани се насочени кон Германија каде  се игра европското првенство во фудбал.

Кога помисливме дека Европското првенство во фудбал барем малку ке нѐ олабави и релаксира од политиката, со која поради изборите бевме опседнати, и ќе ни овозможи да уживаме во мајсториите на фудбалските (веле)мајстори Ронладо, Мбапе, Закањи Манчини, Митровик…, деновиве бевме сведоци на (пре)многу политика на фудбалските стадиони во Германија и, што е најстрашно, непримерни, шовинистички и најблаго речено националистички скандиранја и изливи на емоции, гнев, омраза, нетрпеливост, па дури и повикување на убиства, како што беше хорското заедничко скандирање на навивачите на Хрватска и Албанија „Убиј, убиј Србина, кои за жал ни виновна ни должна, иако не учествува на првенството беше смешана и Македониа.
Некогаш заради светските спортски случувања, дури и државите што војуваа меѓу себе прогласуваа привремен мир и прекин на војните до завршувањето на спортските првенства.  Но не ретко токму некои исклучително важни фудбалски натпревари биле причина и за војна меѓу одделни држави. Да не заборавиме дека распадот и војната во Југославија беа најавени по инцидентот што се случи на фудбалскиот стадион во Максимир, Загреб, по масовната тепачка на фудбалерите и навивачите на Динамо и Црвена звезда.
За жал, сега од исполнетите фудбалски стадиони во Германија обоени во боите на земјите што играат меѓу себе на ова Европско првенство се скандираат пароли од кои се ежи кожата и смрзнува крвта, какви што не сме слушале ни за време на воениот конфликт во поранешна Југославија.
       Старо и непишано правило е дека политиката и спортот секогаш оделе рака под рака. Иако вообичаено политичарите барем јавно говорат и се залагаат политиката да се отстрани од фудбалските и спортските терени и спортот да се деполитизира, сепак и натаму спортот и политиката се во меѓусебен (не)формален брак. Свесни дека преку спортот политичарите најлесно и најбрзо можат да ги придобијат обичните граѓани, тие на голема врата ја внесоа политиката во спортот, особено во фудбалот, од која барем засега не успеваат да се ослободат.

За жал, иако и спортистите навидум се обидуваат да успеат во тоа, барем засега не успеваат да се ослободат од политиката во спортот. Истото тоа не можат да го направат ниту лубителите на фудбалот, особено навивачките групи, кои преку клубовите и нивната поддршка најчесто ги истакнуваат своите изливи на (политички) емоции кон клубот или државата и ги остваруваат или лекуваат своите фрустрации.
Иако, за жал и на големо разочарување на лубителите на фудбалот, Македонија не учествуваа на ова Европско фудбалско првенство, сепак и таа беше жртва на скандалите што се случуваат од страна на некои навивачи од албанска етничка припадност на Европското првенство.

По крајот на натпреварот помеѓу Хрватска и Албанија, репрезентативецот на Албанија Мирланд Даку непредизвикан од никого зеде мегафон во рака и почна да скандира со навивачите на Албанија, притоа упатувајки непримерни навреди за Македонците. Тоа што подоцна репрезентативецот на Албанија Мирланд Даку, свесен дека го чека казна, се огласи на социјалните мрежи и се извини за својот испад и скандалозното скандирање е мала утеха за навредите што тој им ги упати на граѓаните на Македонија. Даку, кој во извинувањето не посочи за кого се однесува неговото извинување, порача дека им се извинува на оние што се почувствувале навредено. Своето однесување го правдаше со зголемените емоции од настапот на Албанија на Европското фудбалско првенство и поради огромната поддршка од верните навивачи.

Тамам заборавивме  на навредите на албанскиот репрезентативец Даку, Македонија  нешто подоцна  повторно беше сведок на нов скандал поврзан со користењето националистички ноти од страна на нашиот западен сосед, Албанија.
Македонија е злоупотребена во официјалната химна на Албанија. Во песната, во која се зборува за убавините на оваа земја, не случајно се споменува и Скопје, кое е претставено како – албански град. Ако на фанатичните албански „тифози”, кои со (пре)многу емоции го доживуваа и преживуваа ова Европско фудбалско првенство, може да им се прогледа низ прсти за нивното недолично националистичко  однесување и навивање, наводно поради големата возбуда зашто за првпат уцествуваа на едно вакво големо фудбалско натпреварување и дека непримерните пароли и скандиранја биле излив на емоции и од преголема возбуда, тогаш ставањето на главниот град на Македонија, Скопје, во химната на Албанија во најмала рака е непримерно, националистичко, шовинистичко, сепаратистичко со нескриени  територијални претензии и што уште не, кое пак бара барем извинување од албанската држава.

Мирланд Даку е казнет од УЕФА и од страна на својот клуб Рубин Казан за недоличното однесување на мечот со Хрватска на ЕП, кога со мегафон ги навредуваше Македонците  но кој ке ја казни Албанија за спотот на албанската химна во која е ставен и главниот град на Македонија, Скопје. Овој официјален спот на Албанија не може и не смее да се третира како обичен, случаен или ненамерен гаф на некој музички продуцент. Напротив, тој спот е смислено направен и преку таквиот спот авторот по сѐ изгледа ги искажува аспирациите на Албанија кон Македонија,бидејки  териториите и народите од албанска националност што живеат во  Македонија  ги третира како свои.
Иако не е првпат Македонија да биде предмет на негирање или присвојување од страна на соседна Албанија и дел од албанските политичари, како од Албанија или Косово, па и тие што живеат во Македонија, сепак македонската држава,  на чие чело се и министри од албанска националност , па и претседателот на Собранието, не смее да го одмолчи  таквиот  скандал. Напротив, за него треба да реагира во сите меѓународни, не само фудбалски, туку и европски институции. Досега Македонија како држава голташе многу работи и на сите наини се обидува да ја покаже и манифестира својата меѓуетничка толеранција, што се смета за европска вредност. Македонија е пример за толеранција, каде што не само Албанците туку и сите народи што живеат во државата ги уживаат своите права. Македонија никогаш не провоцирала, ниту искажувала територијални претензии спрема никоја држава, најмалку спрема соседите. Македонската држава во настојуванјето за релаксирање на меѓуетничките односи многупати замижувала и кога не смеела да мижи. Убаво е секој човек да си ја сака својата репрезентација и да навива за неа. Но никој нема право фудбалските натпревари да ги користи и злоупотребува за негирање на другите народи или репрезентативци или за пласирање националистички или шовинистички политики, бидејќи токму таквите политики во многу случаи скапо нѐ чинеле и не ретко биле плакани со човечки животи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*