Home / Македонија / 8 Септември, ДЕН кога се оствари сонот на сите генерации

8 Септември, ДЕН кога се оствари сонот на сите генерации

Република Македонија, денеска  го празнува 8 Септември, по 23. пат, својот голем празник, Денот на независноста и на државноста. Осми септември 1991 година хороничарите го забележаа како трет Илинден. На тој ден, пред 23 години, со масовното изјаснување на македонскиот народ и националностите кои живеат во Република Македонија: Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Египќаните, ја исполнија својата вековна желба и идеал да живеат во сопствена, независна и самостојна држава, Република Македонија.
Со тој чин, на 8 Септември се остварија вековните идеали на сите генерации Македонци. Точно на 8 септември 1991 година, над 95 отсто од Македонците и другите националности кои живеат во Македонија се изјасниа дека сакаат да живеат во своја сопствена држава и самите да си ја кројат својата судбина.
Секоја генерација Македонци има свои идеали. Додека илинденците се бореа за ослободување од вековното турско ропство, Македонците во НОВ и Револуцијата, вклучувајќи се во антифашистичкиот фронт против фашизмот и нацизмот на Германија, на Собранието на АСНОМ, во манастирот “Прохор Пчински“ ги удрија темелите на македонската држава, која речиси половина век живееше во рамките на Југославија.
Четириесет и седум години подоцна, на 8 септември 1991 година, се оствари сонот на сегашната генерација Македонци, кој, воедно, беше сон на сите претходни генерации, Македонците да имаат сопствена, самостојна и независна држава, Република Македонија.
Сонот на сегашната генерација Македонци и граѓаните кои живеат во Република Македонија е Македонија да стане дел од европското семејство. Имајќи ги предвид анкетите на јавното мислење, најголемиот број од граѓаните се изјаснија Република Македонија да биде членка на ЕУ.
Но, патот до Брисел не е ни лесен, ни брз. На тој пат Македонија е исправена пред многу премрежја и пречки. Република Македонија е единствената држава во светот која своето членство за ЕУ не може да го оствари поради ултиматумот на Грција да го смени своето име, што е навистина невозможна мисија.
Затоа, токму сега, пред празнувањето на новиот светол Илинден, како никогаш досега ни е потребно единство. Членството во ЕУ не е и не може да биде ничие партиско прашање. Тоа е прашање кое ги засега не само сегашните, туку и сите претходни и идни генерации.
Затоа, тој пат до Бри-сел, кој по се наликува како патот што го одеа Македонците во филмот “Најдолгиот пат“, мора да го изодиме сите заедно и единствено, како што тоа го направија граѓаните на Република Македонија, на 8 Септември 1991 година, кога масовно со над 95 отсто на референдум се изјаснија дека сакаат да живеат во своја сопствена, независна и суверена држава, Република Македонија.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*