Don't Miss
Home / Uncategorized / Никола Груевски: На 15 октомври се гласа за излез од помрачувањето што и се случи на Македонија

Никола Груевски: На 15 октомври се гласа за излез од помрачувањето што и се случи на Македонија

Упатувајќи остри критики за работењето на Владата на Заев, лидерот на ВМРО ДПМНЕ и екс премиер Никола Груевски на митингот во Битола истакна дека со доаѓањето на новата власт  наместо живот на Македонија  и се случи помрачување, од кое може да се излезе само доколку на 15 октомври  граѓаните излезат  масовно на избори и гласаат за кандидатите за градоначалници на  ВМРО ДПМНЕ  и Коалицијата “ За подобра Македонија “.

-На 15 октомври покрај тоа што граѓаните ќе се произнесат за новата ера во Македонија тие ќе гласаат и за спас од помрачувањето што и се случи на државата и за  доаѓање на новото утре. Ќе се изјаснат и за секојдневната демонстрација на незаконско работење, незаконски назначувања, незаконски разрешувања, незаконски вработувања. Незаконски тендерски постапки, ставање на министри да бидат и советници на министри, сами себе да се советуваат за да земат пари. Паралелно со гласањето за градоначалници и советници, секој граѓанин на Битола ќе го каже своето мислење и за секојдневното демонстрирање на сила од новозалепената власт која ги загуби изборите, но ја составија. Граѓаните ќе кажат дали се согласува со начинот на кој СДСМ ги води овие избори. Имаме еден градоначалник со скршен череп, имаме кандидат за градоначалник кој беше третиран од полицијата како терорист со вперено оружје. Имавме пукање во западна Македонија меѓу кандидати за советници. На 10 кандидати им пуштија непостоечки кривични пријави. Тоа е демонстрирање на сила без правна основа.На овие избори, освен што Битола ќе може да го избере Зоран Илиоски за градоначалник и советниците, ќе се изјаснат и за намерата на Владата за носење на мигранти во Македонија.

– Доколку гласате за Зоран Илисоки гласате против населувањето на 150.000 мигранти во Македонија, а доколку гласате за кандидатката на СДСМ гласате во градот Битола да се населат покрај границата илјадници мигранти, нагласи Груевски.

-Знам дека кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт од нас бараа да се донесат и доселат во Македонија 150.000 мигранти. Ние тоа не го прифативме затоа што сме свесни дека тоа е огромен товар за Македонија. Дека ние имаме се уште висок број на невработени и ние не можеме за нив да обезбедиме работа, а камоли за уште 150.000 мигранти.  Од нас се бараше да се населат, да им се дадат државјанства, да им се помогне за вработување и за вклопување во средината. Ние тоа не го прифативме и меѓудругото затоа не чиневме.  Некој друг тоа го прифатил и не беше случајно што пред неколку месеци избрзаа и ја објавија стратегијата за мигранти од која се виде дека сакаат да населуваат во голем број општини мигранти вклучувајќи и тука во Битола.  Планот е, извесно време по локалните избори, најпрво да се доселат долж јужната граница  на Македонија, во специјални бегалски кампови, а потоа како ќе се градат нови куќи или згради, така да се вселуваат, истакна Никола Груевски.

Груевски на митингот во Битола остро ги критикуваше економските мерки на Владата и истакна дека со сите досегашни потези Владата на заев не само што на големо ги троши државните резерви кои се намалени за 170 милиони евра, туку и ги избрка инвеститорите од државата, па затоа во сите изминати месеци откако се на власт нема ни една странска инвестиција.

Тој најави дека кога ВМРО ДПМНЕ ќе се врати на власт ќе вработи најмалку  150.000 невработени лица и бројката на неврабитени ќе ја намали под 10 одсто.

-Гласот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, гласот за Зоран Илиоски и за советничката листа истовремено ќе биде глас и за 150.000 нови работни места во наредната деката во Република Македонија. Спуштање на невработеноста под 10 проценти, 6, 7 или 8, но под 10 проценти невработеност во Република Македонија. Како што е во другите развиени држави, посочи Груевски.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има кредибилитет да вети такво нешто, бидејќи откако дојдоа на власт невработеноста од безмалку 40 отсто била намалена на 22,5 проценти.

Груевски рече дека во новата ера се предвидува за ¾ намалување на сиромаштијата во Македонија.

-Се планира преполовување невработеноста кај младите луѓе со носење на инвеститори од надвор и со помагање на нашите за отворање на нови работни места. Двојно намалена невработеност кај младите и поголеми можности за стекнување со свој дом, нагласи Груевски.

Посочи дека во наредната декада е предвиден просечен економски раст од околу 4 отсто.

-Тоа ќе значи истовремено, два и пол пати поголем приход по жител. Односно, од сегашните 5.000 приход годишно по глава на жител просечно, да нарасне на крајот на следната декада на над 12.000 долари по глава на жител во просек, појаснува Груевски, додавајќи дека тоа би значело два и пол пати повисок стандард.

На митингот  во Битола се обрати  и кандидатот за градоначалник на Битола Зоран Илиоски кој во своето обраќање нагласи.

Стојам пред вас и ја очекувам вашата доверба да бидам меѓу вас прв меѓу еднаквите во извршувањето на најодговорната задача, да управувам со најградскиот град во Македонија.Ова се едни од најважните избори во историјата на Македонија. На локалните избори на 15 октомври ќе гласате истовремено и за иднината на нашата држава, Република Македонија која денес поминува низ еден од поголемите предизвици во својата понова независна историја. Битола е град со висока европска гласачка култура, изразен комсполитски дух и висок демократски капацитет, посочи Илиоски.

Тој потенцира дека Битола го гледа како град на млади луѓе кои се убедени оти токму таму ќе ја градат својата иднина.

-Битола заслужува да биде град со сите урбани обележја во кој жителите нема да се грижат за кал и дупки на улиците, чиста и безбедна вода за пиење, соодветно депониран смет. Широк Сока заслужува да биде посакувана дестинација на патници и туристи на кои треба да им покажеме што имала, што сочувала, но и што направила Битола. Битола мора да биде град на сите, град на среќни и безгрижни деца, со убави градинки, училишта, паркови, спортски игралишта  и терени.Битолчани мора да живеат во здрава и безбедна животна средина, квалитетен воздух, вода и почва со многу зеленило.

-Во нашиот фокус се првенствено младите луѓе кои ќе ги задржиме во Битола со обезбедување работа, пристоен дом и квалитетни услови за живот. Досега се покажа дека невработеноста се намалува преку директни домашни и странски инвестиции, затоа инвестициите во индустриската зона Жабени ќе бидат главниот мотор за локален економски развој на Битола, потенцира Илиоски.Според него, поранешната битолска касарна ќе доживее градежна експанзија, а предвидено е донесување на генерален урбанистички план.

-Во идниот мандат, наместо нови населби за мигранти ќе создадеме услови за нови евтини куќи за нашите деца. Ќе направиме и целосна промена на сообраќајниот режим, ќе воведеме еднонасочни улици во центарот на градот, ќе изградиме нови три кружни тека, три нови велосипедски патеки, истакна Илиоски.

Посочи дека ќе бидат насадени нови 10.000 садници дрвја.

Додаде дека нема да се откаже од проектите за гасификација и топлификација на Битола.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*