Општина Битола и Македонско научно друштво-Битола, во рамки на „Бит Фест”, приредија промоција на книгата „Лобирање во културата – Конзулската дипломатија во Битола”, чиј автор е вон. проф. д-р Марјан Танушевски.
Во книгата акцентирано е ребрендирањето на конзулската традиција во Битола, кое почнува на 25 октомври 1995 година кога битолчанката Калиопа Кривашија Стилиновиќ е избрана за почесен конзул на Република Франција, и прв почесен конзул во овој град, лобирањето во културата и примената на јавна и културна дипломатија од страна на битолските конзули.
– Секој читател освен за досегашниот придонес на почесни конзули, ќе биде запознаен со важноста на феноменот лобирање како одлично средство со кое се поддржува и се води извршувањето на клучните дипломатски функции. Оваа книга ќе служи во промотивно-афирмативните активности на општина Битола, за културен извоз и други проактивни иницијативи на локалната самоуправа со кои ќе се нагласат сопствената историја, култура, уметност, архитектура, и други уникатни обележја на градот, со применлива стратегија за лобирање и со силна културна дипломатија, вели проф. д-р Танушевски, за својата 10-та по ред авторска книга во која поместува и посебен избор од лоби-речникот на Кристијан Д‘Фулои, претседател на Асоцијацијата на акредитирани лобисти-ААЛЕП во Брисел.
Според професорот Нано Ружин, рецензент и промотор на книгата, трудот на Танушевски претставува подарок за Битола, дело во кое взаемно се испреплетуваат три теми, дипломатија, лобирање и култура.
– Во книгата, авторот посочува на една важна карактеристика на дипломатијата, а тоа е децентрализацијата и во тој контекст голема улога има Франција како пионер со реанимацијата на конзулатот во Битола. Културната дипломатија како дел од јавната дипломатија е заеднички именител на сите дипломати и почесни конзули во Битола, и во таа смисла нема сомнение дека културата која секогаш ги збогатувала духовите е најелегантниот простор за лобирање, истакна професорот Ружин и посочи дека трудот претставува вечно напишан документ за еден светол временски интервал на градот Битола.
На промотивниот настан кој се одржа во репрезентативната Сала на клавирите во битолскиот Музеј, почесниот француски конзул и прв почесен конзул со кого почнува ребрендирањето на конзулската традиција во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновик, нагласи дека авторот успеал на едно место да ги збере сите конзули, и во една книга да ги презентира сите активности, почнувајки од нивниот избор, па се до денес.
– Научно истражувачкиот пристап и презентираните резулати потсетуваат на тоа што се досега иницирале и реализирале почесните конзули, а со прекрасниот наративен пристап кој меѓу другото е и резултат и на големото новинарско искуство, авторот нуди четиво и јасна слика за овој конзулски период. Во соработка со општината и со користење на феноменот лобирање, взаемните успеси ке бидат уште поголеми, рече меѓу другото Кривашија Стилиновиќ.
Книгата „Лобирање во културата-Конзулската дипломатија во Битола” на вон. проф. д-р Марјан Танусевски, претставува придонес во одбележувањето на европската година на културното наследство и поттик за формирање конзулско лоби кое освен за културниот, ке придонесува и за економскиот развој на Битола, беше речено на промотивниот настан кој го следеа градоначалникот на Битола м-р Наташа Петровска, почесните конзули во Битола и членови на Македонско научно друштво-Битола.
Б.В.