По долги најави и рекламирања, во саботата, на неговата телевизија Сител, азилантот и бегалецот Никола Груевски, го даде толку очекуваното и најавувано “ексклузивно “ интервју.
Додека во изминатите месеци неколку редакции со деновиве се обидуваа да го пронајдат Груевски за да добијат изјава, како тој ја напушти државата и за причините поради кои избега од Република Македонија, на ТВ Сител не му требаше многу труд и време да го пронајде Груевски и со него да направи ексклузивно интервју.
Но иако интервјуто со бегалецот Груевски беше најавувано како ексклузивно во него не слушнавме буквално ништо ново што јавноста не го знаеше.
Единствено “ексклузивно” што слушнавме од Груевски во неговото интервју, беше тоа што тој не кажа како ја напушти Македонија и за начинот на неговото бегство од Република Македонија, туку тој во негов препознатлив стил, тоа му го остави да го утврдат властите на Зоран Заев.
И кога станува збор за бегството на Груевски од Република Македонија и како тој поради тоа што долги години бил премиер, бил “транспортиран “ во Унгарија, тоа и по ексклузивното интервју останува тајна. Но тоа што како ексклузива ни ја соопшти Груевски од Будимпешта е неговата изјава дека тој не избегал од државата, туку дека привремено се засолнил во Унгарија и дека еден ден тој ќе се врател во Република Македонија, каде освем неколкумина поединци, негови блиски соработници, на кои тој многу им помогнал, останатите над 80 отсто од членството не му свртиле грб, туку и натаму го поддржувале.
Притоа Груевски не кажа како тој мисли да се врати во Македонија, каде наводно бил подлежен на политички прогон.
Дали тој мисли да се врати во државата, каде 11 години беше премиер со евентуална екстардиција од Унгарија, или пак доброволно.
Груевски има право себеси да се смета за невин и да верува дека бил подлежен на политички прогон.
Впрочем тоа тој постојано го истакнуваше во сите изјави за време на одржувањето на судските процеси. Тој има сосема право да и се лути на Катица Јанева за динамичноста на обвиненијата со кои таа го обвинуваше за бројни кривични дела. Но Груевски изгледа како и додека беше во Македонија, така и во Унгарија, заборави дека невиноста единстевно се докажува на суд и на никое друго место.
Само судот и никој друг е тој кој може да каже кој е виновен, а кој невин.
Изгледа Груевски заборави дека политичарите на власт идат со волјата на народот, но и дека наместо политичарите судиите се тие на обвинетите им судат во името на народот.Или Груевски мисли како што тоа своевремено Љубчо Георгиевски мислеше, кога за злоупотребите на министерот за одбрана Љубен Пауновски, сакаше наместо судот да му суди партијата.
Груевски во ексклузивното интервју ја испушти шансата да му соопшти на македонската и пошироката јавност за каков политички прогон се работеше, кога станува збор за неговите судски процеси, кога тој иако беше обвинет за неколку тешки кривични дела и за милионски евра штета на државата, не помина буквално ни еден ден во притвор.
Напротив Груевски беше единствен обвинет против кого освем одземањето на пасошот не беа преземени никакви други мерки.
Воедно на Груевски му судеа истите судии кои беа бирани по негов избор од тефтерчето на неговата верна соработничка Гордана Јанкуловска, за кои тој тврдеше дека се непартиски, професионални и стручни.
А како додека тој беше премиер, тогашната политичка и судска власт им судеа и им пресудуваа на неговите политички противници, тоа најдобро го знаат луѓето кои сеуште чмаат по македонските затвори.
Но Груевски откако падна од власт научи постојано себеси да се прикажува како жртва, притоа вешто манипулирајќи со своите ставови и заклучоци или факти.
Така и овој пат тој во ексклузивното интервју на неговата телевизија Сител, на која додека беше премиер и истури тешки милиони евра, тој во стилот на голем манипулатор, изјави дека на ден два пред да оди затвор добил смртни закани дека ќе биде ликвидиран и затоа избегал од државата.
Притоа тој не одговори од кого и зошто имал закани, оставајки јавноста да нагаѓа.
Плашејќи се од некакви закани Груевски во последен момент пред да биде уапсен по потерницата, ја напушти Република Македонија.
Но притоа во интервјуто Груевски не кажа како тоа тој одлучил да избега на ден два пред да биде уапсен, а притоа уште во септември ги испразнил своите девизни сметки.
Дали притоа парите кои ги извадил од сметките ги вадел да си купува сок или кафе во Шутка, или да ги троши во Будимпешта.
Такви евтини приказни Груевски треба да знае веќе не поминуваат кај македонската јавност, која по неговото бегство добро го прочита неговиот лик и дело.
Груевски без да се труди преку ексклузивни интервјуа да се правда себеси за својата наводна невиност, треба да знае дека тој е политички мртов и дека пресудата за неговите (не)дела наместо судот сам си ја изрече, да живее цел живот како бегалец и азилант.
Потешка казна не можеше да му изрече ни судијката Кацарска.
А дали ја заслужи или не, сега тој во Унгарија има време да размислува и расудува.
А за другите казни кои го очекуваат за среќа тој не одлучува. За тоа, со него или без него, ќе пресудува судот на македонската држава. И тие пресуди вечно ќе го следат.