Don't Miss
Home / Uncategorized / Почина професорот по новинарство Томе Груевски

Почина професорот по новинарство Томе Груевски

Професорот Томе Груевски, кој зад себе остави бројни генерации новинари, почина синоќа по кусо и тешко боледување во Скопје во 70-та година од животот. Томе Груевски е роден во Смилево, Битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Македонија.

Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Уште од средношколските години се оддал на новинарство, во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”. Покрај тоа, бил и главен уредник на списанието за општествена теорија и критика „Дијалог“. Бил соработник на емисиите „Бранови на младоста“ и „Студентски паралели“ на Радио Скопје а потоа бил и соработник на Третата програма на Македонското радио. Професор на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации и односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и професор на постдипломските студии на Групата за комуникации при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Повеќе години беше професор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, на Педагошкиот факултет во Битола и на Факултетот за јавна администрација, на сите степени на студии.

Автор е на триесет и пет книги: учебници, научни трудови и студии од областа на историјата, теоријата на новинарството, комуникологијата и односите со јавноста, како и повеќе публицистички и новинарски трудови.

Професорот Груевски беше член на повеќе професионални и невладини организации и асоцијации, но и носител на бројни награди и признанија. Тој има објавено над сто трудови, меѓу кои Јавното информирање во Македонија, Скопје, 1991; Системот на јавното информирање во Македонија, Скопје, 1992; Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје 1993 (со коавтор Боро Мокров); Современиот печат во Македонија (1944-1994), Скопје, 1995 (две изданија); Историја на новинарството, кн. 1 и 2, Скопје, 1999; Теорија на новинарството, Скопје, 2000; Комуникациите и културата, Скопје, 2004; Историја на новинарството, Скопје, 2005; Култура на говорната комуникација, Скопје, 2006; Односи со јавноста, Скопје, 2007 и 2011; Комуникологија, 2011; Комуникологија на масовни медиуми (2012), коавт. со д-р Зоран Костов; Комуникологија на жанрот, 2013; Собрани дела „Комуникологија“ 2015, Коста С. Шахов Публицистика, кн 1. (2017), Константин С Шахов Книжевност кн. 2 (2018). Томе Груевски е автор и на два аудио учебници наменети за читатели со посебни потреби. Автор е на „Односи со јавноста“ и на учебникот „Историја на новинарството“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*