Денес во прва официјална посета на Битола престојуваше висока делегација од САД и амбасадата на САД , предводена од Филип Рикер, вршител на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, како и амбасадорката на САД во Македонија Кејт Мари Брнз, специјалниот асистент на амбасадорот Рикер, Лахлин Шопер, како и шефот од политичко-економскиот оддел Шенон Рунион.
Поранешниот амбасадор на САД во нашата земја Филип Рикер изрази задоволство што повторно има можност да ја посети Битола и да ја претстави новата амбасадорка на САД Кејт Мари Брнз, која за прв пат престојува во официјална посета на Општина Битола.
На средбата со градоначалничката Наташа Петровска, тие разговараа за актуелната состојба во градот и државата.
Во штурото соопштение за јавноста кое го издаде службата за медиуми на Општината Битола се вели дека Битола е градот кој има стратешка позиција и во економскиот и во политичкиот живот во земјава, истакна вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер.
Градоначалничката Петровска се заблагодари на поддршката која градот Битола секогаш ја добива од страна на САД, како што е случај и со оваа посета на високата делегација предводена од амбасадорот Рикер.