Денеска во Основниот суд во Битола продолжи судскиот процес на Душко Илиевски, фармерот, неговиот татко Томе и братот Цане против државата Република Македонија, во кој тие бараат оштетата за претрпена материјална и нематеријална штета во висина од 5 милиони денари.
Судскиот процес денеска продолжи со изведување на докази на вештите лица, за душевната болка на Илиевски и неговите најблиски. На рочиштето правобранителката, која ги брани интересите на државата го оспори вештачењето на вештите лица и воедно го нападна Душко Илиевски како е можно тој да има поинаква душевана болка од неговиот татко и брат, кои исто така како и тој поминаа со него 12 дена во притвор во битолскиот затвор.
Воедно “ одбраната“ на државата го нападна Душко Илиевски заради неговите чести прес- конференции и соработката со новинарите.
-Мојата душевна болка е поголема од болката на мојот татко и брат затоа што јас бев првообвинет и доколку Обвинителството го добиеше случајот јас ќе поминев најмалку 10 години в затвор, а мојот татко и брат многу помалку. Воедно, целта на Обвинителството беше јас да се замолчам и сите настојувања беа јас да бидам затворен, истакна во својата одбрана Душко Илиевски. Тој воедно ги оспори наводите на одбраната на правобранителката дека тој наводно ги терал новинарите да пишуваат за него против државата.
Како можам јас да свикувам прес- конференции од притвор, праша Илиевски за време на судењето. Судскиот процес ќе продолжи во текот на месец ноември. Инаку Душко Илиевски, неговиот татко Томе и брат Цане беа уапсени на 15 јули 2010 година, под обвинение дека тие во нивата во Градско поле, под линијата наместо компири наводно одгледувале марихуана. По 12 дена поминати во притвор во битолскиот затвор тие беа ослободени од притворот. Во текот на судскиот процес тие ја докажаа својата невиност и беа ослободени од обвинение кое им се ставаше на терет.
Сега, отако тие дефинитивно се прогласени за невини бараат обештетување во висина од 5 милиони денари, пари кои според зборовите на Душко Илиевски тие ќе ги подарат за хуманитарни цели.
Б.В.