Заменик- министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска го пушти во употреба новоизграденото основно училиште „Кочо Рацин” во селото Долно Српци, општина Могила, кое пред една година беше опожарено и неупотребливо за редовна настава на учениците.
Целосна бнова на училиштето беше ветена минатата година при посетата на опожареното училиште заедно со премиерот Никола Груевски, а обврската кон граѓаните и учениците сега е исполнета, посочи Ристовски.
-Пред една година целосно изгоре стариот објект на училиштето. По посетата со премиерот одлучивме да не вршиме реконструкција на стариот објект, туку објектот целосно да се сруши и на истото место да се изгради ново училиште. Согласно ветеното, сега имаме нов објект, наставата непречено се реализира, и затоа сметам дека ова е еден од позитивните примери во насока на исполнување на ветувањата и потребите на граѓаните, истакна заменик-министерот Ристовски.
На денешната свеченост по повод пуштањето во употреба на новото општинско училиште „Кочо Рацин” во селото Долно Српци, беше потврдено дека во училиштето во моментов учат 56 ученици на кои им се овозможени квалитетни и високи стандарди за основно образование.
Б.В.