Познавачите на (не)приликите, или светските стратези, кои своите планови не ги кројат како кај нас, најчесто од денес за утре, туку на (по)долг рок, тврдат дека во наредниот период водата, која ја има се помалку, ќе биде на повисока цена од црното злато, нафтата, и дека во блиска иднина битките во светот нема да се водат повеќе за нафтата, туку како да се завладее со изворите на вода, а осоебно со питката вода за пиење.
Додека во светот милиони жедни усти едноставно сонуваат, а голем број од нив и умираат немајќи доволно количини на вода, ако не како да ја изгаснат својата жед, тогаш барем да ги наквасат своите жедни усти, кај нас едноставно (не)грижата за водата, која се губи во непознат правец добива сериозни размери.
Огромни количини вода исчезнуваат во непознат правец
Информациите кои ги добивме деновиве во јавното претпријатие “Водовод” Битола навистина делуваа(т) загрижувачки. Имено, иако засега нема некоја точна евиденција, бидејќи сеуште кај нас не постојат точни и прецизни мерења за губењето на питката вода, сепак според нивните сознанија над 60, а во некои градови и над 70 отсто од водата во Република Македонија се губи во непознат правец и едноставо истекува , без притоа да дојде до нејзините крајни корисници, граѓаните.
Ако се знае дека во светот “ само” 25 отсто од водата “ исчезнува “ во непознат правец, тогаш е сосема јасно дека станува збор за огромни и во најголем број случаи ненадоместливи загуби. Првиот човек на ЈК “Водовод” Битола Горан Стефановски, кој важи за експерт во оваа област, тврди дека губењето на количините вода кај нас во државата навистина е над сите дозволени лимити.
Горан Стефановски, директор на “Водовод“
-Во ситуација кога не постојат инструменти за точно и прецизно мерење на губењето на вода, и кога кај нас количините на вода се мерат по принципот произведена и фактурирана вода, тогаш тешко е да се каже колкави количини вода се губат. Сепак според моите сознанија во Република Македонија над 60 до 70 отсто од водата истекува во земјата и се губи во непознат правец, без притоа да стигне до крајните корисници. Тоа се огромни и за светски прилики недозволени загуби, кои не само што скапо ги чинат јавните водоводни претпријатија, туку имаат несогледиви штети и за државата, вели Стефановски.
Тоа што посебно загрижува е што додека многу земји во светот страдаат за капка вода и не знаат како да дојдат до извори на вода, особено за пиење, кај нас, во Република Македонија едноставно се расфрламе со питката вода.
Несовесно трошење на питката вода
Наспроти нашиот вроден менатлитет да не водиме никаква грижа кон водата, особено кон водата за пиење, нешто што посебно треба сите да не загрижи е што најголемиот број кај нас крајно неодговорно се однесуваат кон водата за пиење и истата покрај тоа што се губи во огромни количини, голем број несовесни граѓани ја користат за напојување на добитокот, наводнување на бавчите, дворовите, нивите, миење автомобилите.
Значајни количини вода се губат во т.н. “ корисно употребени води “ кои едноставно не се наплаќаат, а кои се користат за функционирањето на фонтаните, прскалките на куќните совети во зградите, кои едноставно речиси најголемиот број водоводни претпријатија не ги мерат.
-Во најголем број случаи водата за пиење се губи во земјата поради застареноста на водоводните цевки. Кај нас водоводниот систем е доста застарен. Има водоводи каде што не е интервенирано дури и по повеќе од 40 години за негова рехабилитација. А во недостиг на модерна и софистицирана опрема за следење на количините вода кои се губат тешко може да се утврди каде водата едноставно бега и се губи во земјината утроба.
Тоа можеме да го утврдиме дури откако дефектот ќе биде толку голем што водата ќе излезе на површина. Дотогаш илјадници кубици вода едноставно истекуваат, а притоа да не бидеме ни свесни каде се губат, вели Стефановски.
Во настојувањето ако не да се спречи, тогаш барем да се намали губењето на вода во Битола, во ЈК “ Водовод “ во последно време му се придава (нај)сериозно внимание.
Значајни вложувања
Со цел да се намалат загубите на вода, во “Водовод” со средства на германската КФ банка веќе одамна е набавен и добро функционира “Скада системот “ кој го следи крвотокот на водоводната мрежа во Битола. Со овој систем дури на 5 мерни места може компјутерски да се отвораат или затвораат вентилите во водоводната мрежа, без притоа да се влијае на редовното снабдување на градот со вода.
-Во ЈКП “ Водовод “ грижата за намалување на загубите на вода е стратешка определба, на која му посветуваме посебно внимание. Токму за таа цел во последните неколку години со средства на германската КФ банка, покрај изградбата на “ Скада системот “ набавени се неколку нови и најсофистицирани апарати, како што се
“ геофон “, апарат кој реагира и најмал шум, детектор на метал, трагач на кабли, “корелатор “ за откривање на непознат дефект, ултра звучен водомер, со кој може компјутерски да се следи протекот на вода на големите цевки, а доста е направено и за смена на водоводната мрежа и по секој дефект се исфрлаат од употреба азбесните, челичните и железните цевки, кои не само што не с ефункционални и штетни по здравјето на луѓето, туку се подлежни и на чести дефекти.
Во исто време се набавени и над 5.000 нови водомери со далечинско читање на потрошената вода, преку кои не само што може да се “ читаат “ потрошените количини на вода кај граѓаните, туку може да се евидентираат и потрошените количини на вода за “ корисна употреба “ на куќните совети. Воедно изготвен е подземен катастар на водоводната мрежа, а во моментот се работи на внесување во софтверот на атрибутите за мрежата, па во иднина точно ќе се знае од каков материјал се водоводните цевки и кој профил е водоводната мрежа во битолскиот водовод.
-Со сите овие вложувања ги намаливме загубите на сирова вода за најмалку 30 отсто, а ги намаливме и загубите кај чистата вода за 17 отсто и сега во Битола кога станува збор за загубите на вода тие се сведени на 47 проценти, што е многу над републичкиот просек, вели Стефановски.
Ако се знае дека од нив најмалку 15 проценти од водата се користат за “ корисно употребена вода “ која не се фактурира, тогаш може слободно да се каже дека Битола кога станува збор за губењето на водата се ближи кон европскиот и светскиот поросек.
Тоа што покрај загубите на вода во водоводната мрежа, посебно ги револтира вработенитево ЈП “ Водовод “ е масовната кражба на вода од страна на голем број несовесни граѓани, кои не избираат начин диво да се приклучат во водоводниот систем.
Но со набавката на новата софистицирана компјутерска опрема нивниот број во последно веме драстично се намалува е сведен на минимум, што не значи дека е целосно елиминиран.
Менде Младеновски
Фотогрфија: С. Ристевски