Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, во придружба на директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот Владимир Талески, денеска во основното училиште „Даме Груев” го пуштија во употреба и новото повеќенаменско спортско игралиште.
-Во ова училиште изучиле и врвни спортисти, познати фудбалски легенди кои израснале во ОУ „Даме Груев”, а настапувале и за државната репрезентација. Време беше да се направи модерно повеќенамeнско игралиште, а во Битола ќе се градат и други вакви објекти бидејќи заложбите на Владата се да им се овозможи на младите повеќе да тренираат, да водат здрав живот и да имаме наши амбасадори кои преку спортот ќе ја претставуваат Република Македонија во светот- рече министерот Ивановски.
Повеќенаменското спортско игралиште во ОУ „Даме Груев”-Битола е во рамките на проектот на Владата на Република Македонија за „Изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта” кој го реализираат Агенцијата за млади и спорт и локалните самоуправи, и е 19-то по ред целосно изградено игралиште, а наскоро свечено во употреба ќе бидат предадени уште 35 повеќенаменски спортски терени низ државата, потврди Марјан Спасески, директор на Агенцијата за спорт и млади.
Во општина Битола во завршна фаза е изградбата на 3 тениски терени, а до крајот на 2018 година во градот ќе бидат изградени уште четири тениски терени со што ќе биде заокружен процесот на изградба на капитални спортски терени во оваа локална самоуправа.
-Со владината, и поддршката на Агенцијата за спорт и млади, нашата програма е проширена и надградена. Во изминатиот период во општина Битола изградени се над 20 спортски терени, 3 спортски сали, тениски терени и интервенции врз помошниот и градскиот фудбалски стадион. Најновиот проект, повеќенаменското спортско игралиште е голема придобивка, и за мене носталгично навраќање на времето кога тука учев и кога ги немавме потребните услови за спортување како што тоа сега го имаат денешните генерации, и затоа им помагаме да се развиваат, едуцираат и да постигнат врвни спортски резултати”, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Б.В.