Советот на општина Битола донесе одлука за формирање Совет на млади со единствена цел активно вклучување на младите во општествениот живот во рамки на општината преку предлагање на иницијативи за прашањата кои ја засегаат младата популација .
Советот на млади ќе биде составен од девет члена со што ќе се направи првиот чекор кон зголемување на младинското учество во процесите на донесување на одлуки на локално ниво.
Станува збор за советодавно работно тело во рамки на Советот на општина Битола кој се формира со цел активно вклучување на младите во јавниот живот на општината преку предлагање на иницијативи за прашањата кои ја засегаат оваа категорија.
Сите заинтересирани на возраст од 15 до 30 години кои се дел од средношколски, студентски или невладини организации и кои сакаат да бидат дел од Советот на млади ќе имаат можност да се пријават на јавен повик, при што мандатната комисија ќе одлучи кои кандитати ќе бидат верификувани како членови на Советот на млади. Откако ќе се формира, интерно ќе се изберат претседател и потпреседател, а членовите ќе се избираат на секои две години.
Според информациите, Советот на млади ќе одржува редовни седници по потреба но најмалку еднаш месечно при што седниците ги свикува и со нив заседава претседателот. Работата на Советот на млади ќе биде врзана со локалната стратегија на млади на општина Битола во периодот од 2014 до 2019 година која ја изгласа Советот на општина Битола.
Проектот за воспоставување на Совети на млади во општините се спроведува во повеќе општини во земјата како Струмица, Радовиш, Куманово, Охрид, Кавадарци, Велес, Неготино, Штип, Скопје и Гостивар, а се очекува нивно формирање и во Могила, Новаци и Ресен.
Б.В.