Весникот “Нова Македонијa“ во рамките на одбележувањето 70 години од излегувањето, ги додели наградите за краток расказ. Меѓу добитниците е и битолскиот писател Петре Димовски, кој во конкуренција од 222 пристигнати раскази на конкурсот, ја освои втората награда за расказот “Како душата се одвои од телото“ испратен под шифра “А не е сон“.
Одлуката за наградите ја донесе жири-комисија во состав: Тодор Чаловски (претседател), Владимир Плавевски и Снежана Младеновска – Анѓелков (членови). По разгледувањето и анализата на пристигнатите ракописи и постапно вршената селекција, со опсежни критичко-аналитички дискусии сосредоточени на книжевно-естетските квалитети, комисијата ги избрала најквалитетните 6 од пристигнатите 222 раскази.
За расказот “Како душата се одвои од телото“ жири-комисијата во образложението кон наградата истакнува дека тој “донесува необично остварен наративен текст, во кој успешно е инкорпорирано чувството за бегство од сопственото тело, од сопствената празнина, со можноста поцеловито да се осознае таа како недвојбена присутност. Така, враќањето во реалноста по успешно извршената операција за хероината на овој расказ значи повторно чувствување на животот, надминување на стравот и свеста дека е неопходна постојана релација на телото и душата како целост.
Наградите на добитниците на 5 ноември им ги врачи главниот и одговорен уредник на “Нова Македонија“, Александар Димковски.
Писателот Петре Димовски четири години по ред е меѓу наградените по конкурсот за краток расказ на весникот “Нова Македонија“. Покрај ова, во акцијата “Избираме најуспешни битолчани“, годинава Димовски беше носител и на посебно признание на “Битолски весник“.
Македонското научно друштво, “за високиот уметнички придонес во афирмацијата на целокупната македонска литература и култура“ исто така, во август, му додели посебно признание. Во април ја доби и наградата “Вермилион“ за романот во ракопис “Магда Лена“ кој наскоро треба да излезе од печат.
Димовски до сега има добиено над четириесет книжевни награди и признанија, меѓу кои ќе ги наведеме и: “4 Ноември“, “БИД Мисирков“, “Тренд“, “Ванчо Николески“, “Стале Попов“, “Крсте Чачански“, “Живко Чинго“.
Б.В.