Don't Miss
Home / Македонија / Секоја бремена жена ќе добие бесплатни таблети фолна киселина и јод

Секоја бремена жена ќе добие бесплатни таблети фолна киселина и јод

Од првата половина на март годинава ќе се обезбедат бесплатни таблети фолна киселина и јод за секоја бремена жена за периодот од утврдување на бременоста до завршување на 13-та гестациска недела.

За таа намена Министерството за здравство одвоило 12 милиони денари, со кои ќе се обезбедат потребните таблети за околу 23 илјади бремени жени годишно.

– За примената на оваа мерка, во фаза на изработка е електронска мајчина книшка, која до март ќе биде ставена во функција и ќе содржи база на податоци за секоја бремена жена во државата. Патронажната служба во секој здравствен дом ќе има податоци за секоја бремена жена, ќе спроведува патронажни посети на бремените жени и при овие посети ќе им ги додели таблетите со фолна киселина и јод. Наедно ќе им се даваат совети на бремените жени за здрава бременост, здрава исхрана и здрави животни навики, односно ќе им се поделат и брошури „Здрава бременост”, кои се во прилог на мајчината книшка – вели Тодоров.

Според него, на овој начин ќе се овозможи достапност на овие значајни суплементи до секоја бремена жена, особено до жените од социјално ранливите категории, за кои обезбедувањето вакви таблети претставувало дополнително финансиско оптоварување.

Истражувањата за јодниот дефицит кај бремените жени и доилките во Македонија покажаа дека над 40 отсто од испитаните бремени жени имале недоволен внес на јод.

Недостигот од јод во организмот за време на бременоста може да предизвика сериозни нарушувања во развојот на мозокот на фетусот со ментална ретардација и намалување на коефициентот на интелигенција кај новороденчето, додека недоволниот внес на фолна киселина може да предизвика дефекти во развојот на невралната туба.
– Во некои држави, како Канада, САД, Велика Британија, воведени се задолжителни програми за суплементација на фолна киселина за време на бременоста, а во дел од државите од САД суплементацијата е и бесплатна. Во Канада и дел од САД се препорачува и консумирање мултивитамини што содржат фолна киселина – нагласи Тодоров.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*