Денеска во општината Битола, градоначалникот д-р Владимир Талески одржа средба со претседателите на Урбаните заедници.
На оваа традиционална по новогодишна средба со првите луѓе на месните заедници градоначалникот д-р Владимир Талески, откако најпрво им ги честита новогодишните и божиќните празници ги запозна претседателите на Урбаните заедници со тоа што е реализирано во текот на минатата година и кои се плановите на Општината за оваа 2015 година.
-Ова се најважните луѓе во Битола. Без овие луѓе општината практично не може да работи. Моја оценка е дека сите овие луѓе покрај тоа што се многу амбициозни се и доста интересни, објективни и рационални. Тие најдобро знаат се она што им е потребно на луѓето од Урбаните заедници. Ние најчесто барањата за реализација на некои проекти ги добиваме преку нив.
На сите ние е јасно дека во Урбаните заедници сите граѓани имаат различни желби и приоритети.
Но овие луѓе ја прават селекцијата на најприоритетните.
Инаку вообичаено списокот на желби е голем, но реално е да се реализираат ако не сите, тогаш барем по два три проекти од секоја месна заедница.
Но нивната реализација најчесто зависи од финансиските можности на општината, како и од законските прописи.
Доколку некои проблеми, или проекти сме во можност веднаш да ги реализираме тоа го правиме со нашите јавни претпријатија.
Ако за некои проекти потребно е донесување на некои урбанистички планови, тоа го правиме со Советот на Општината и нормално бара подолг период, истакна на средбата со претседателите на Урбаните заедници, градоначалникот Талески.
Б.В.