По цели 7 месеци закани, навестувања и заплашувања, лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска попладне конечно ја активира”бомбата “.
Иако најави дека “ бомбата “ ќе има разорна моќ, барем по тоа што го презентираше на првата прес конференција Заев кажа тоа што најголемиот број граѓани го знаеаја и претпоставуваа дека во Македонија има “Големо уво” кое го слуша речиси секој граѓанин.
Заканувајќи се со кривични пријави против премиерот Никола Груевски, директорот на УБК Сашо Мијалков, како и првиот човек на Петтата управа Горан Груевски и НН сторители, Зоран Заев ја информираше македонската јавност дека во Македонија во изминатите неколку години масовно се прислушкувало и дека предмет на прислушкување биле над 20.000 граѓани.
Прислушкувани над 20.000 лица
-Оваа папка ќе стане симбол на процесот што денеска го отпочнуваме за враќање на слободата и демократијата. Во Македонија, само во период од неколку години, се прислушкувани над 20.000 граѓани! Материјалите што ги поседуваме докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од страна на луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија. Ваква широка операција, на прислушување и тонско следење во ваков обем од преку 20.000 граѓани е невозможна без учество на Министерството за внатрешни работи, односно Управата за безбедност и контраразузнавање и без поврзаност со мобилните оператори, рече Заев и додаде:
-Бидејќи се шират лаги дека наводно прислушувањето го вршела неидентификувана странска разузнавачка служба, во кривичната пријава, бараме вештачење на автентичноста на снимките, со што ќе се потврди дека се во целост веродостојни. Бараме вештачење од страна на стручна установа. Ова е посебно важно бидејки се работи за следење и прислушување со опрема единствена во државата, што ја поседува УБК и којашто што бара посебна специјалност на вешти лица, со што ќе се ослободат од притисоци овие лица вработени во највисоките структури на МВР и УБК, потенцира Заев.
Тој притоа додаде:
-Почитувани граѓани, поднесуваме кривични пријави против Сашо Мијалков, директор на УБК, Горан Груевски раководител на петта управа и НН вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. За вработените кои учествувале, но го пријавиле кривичното дело, очекуваме да се употреби член 151 став 5 од Кривичниот Законик, со којшто овие лица се ослободуват од гонење. Во прилог на Кривичната пријава има повеќе од 300 мои телефонски разговори, снимени само за неколку денови. Ова е само мал дел од прислушувањето на моите телефони, што траело најмалку 4 години во континуитет. Без прекин, 4 години! Само ова ЦД покажува дека сум бил следен и прислушуван не 14 месеци, не 24, туку околу 48 месеци! Можеби и повеќе.
Слично се постапувало со сите опозициски лидери.
Со пријавата доставуваме и текстуален дел од 204 страници, со разговори на членови на опозицијата, новинари, поединци блиски до опозицијата, давани како подготвен информативен материјал до Груевски и неколку луѓе околу него. Ова е 24/7, ама комплетно прислушување на сите! Вакво масовно прислушкување можат да спроведат само домашни државни служби.
Никој во Македонија не е изненаден дека се прислушува. Особено не дека се прислушува опозицијата. Но, ова што го видовме и ќе го видите и слушнете и вие во деновите пред нас, ги надминува и најцрните очекувања.
Сите документи покажуваат дека Македонија е поделена во два света. Во едниот се тие кои политички и финансиски живеат од прислушувањето, а во другиот сме сите ние – чија приватност и уставни права се целосно погазени. Од сите што биле прислушувани, а се на значајни опшествени позиции, нема само прислушувани разговори помеѓу Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Ова што го имаме покажува дека од државната служба, УБК, направиле вистински монструм што слуша и контролира над 20.000 граѓани: опозиција, новинари, бизнисмени, невладин сектор, членови на Влада, на Парламент. Слушаат кога разговараме на политички теми, слушаат кога работиме, влегле во нашиот најинтимен дел од животот, прислушуваат кога зборуваме со нашите деца!нагласи Заев на прес- конференцијата на која беа презентирани тонски записи од прислушувањата.
Тој притоа ја повика меѓународната заедница, внимателно да следи се што се објавува во врска со овој скандал и активно да се вклучи во овој процес во Република Македонија.
Зоран Заев го обвини Груевски дека тој не ја прислушкувал само опозицијата туку и неговите најблиски соработници.
-Груевски и Мијалков рече Заев потпомогнати од неколкумина други, ги прислушувале и своите најблиски соработници,Гордана Јанкулоска и вицепремиерот за финансии, Зоран Ставрески, како и својот коалициски партнер од ДУИ, Али Ахмети, Руфи Османи, Мендух Тачи, Љубчо Георгиевски.
Кривичната пријава ја поднесуваме за да оставиме трага, за да покажеме дека го почитуваме Уставот и законите во нашава земја.
Но, доколку Јавното обвинителство се одважи и покрене независна и транспарентна истрага, тоа јавно ќе го поздравиме, ќе бидат херои за идните генерации. Се што треба е да се почитуваат Уставот и законите на Република Македонија, ништо повеќе или помалку, истакна Зоран Заев.
Б.В.