Don't Miss
Home / Македонија / Груевски: Ќе одговараат за скандалот кој го конструираа

Груевски: Ќе одговараат за скандалот кој го конструираа

Нема да има простор за заташкување на скандалот кој самите го конструираа. Одговорноста, со сите затезни камати за дестабилизирањето на земјата, за омаловажувањето на гласачката волја, за валкањето на угледот и на граѓаните и на државата, за лагите и оговарањата што ги пласираат во светот, ќе ја носат во секоја форма сите кои учествуваа во потфатот на рушење и дестабилизација на државата, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на собирот кој се одржа денеска во спортската сала “Младост” во Битола.

Салата беше претесна да ги прими сите присутни, па добар дел симпатизери и членови на партијата мораа собирот да го следат на видео бим, пред салата.

Нагласувајќи дека скандалот со прислушкувањето е монтажа на тие кои не и сакаат добро на Mакедонија, Груевски рече:

– Зоран Заев и неговите следбеници залудно ќе чекаат трговија. Нема трговија. Ние може да разговараме и да водиме дијалог, но никогаш нема да учествуваме во сценарија кои имаат за цел да го премостат народот – рече тој.

Според него, некој очигледно има други планови за Македонија.

– Некој сака нашата држава и нашиот народ да бидат негови заложници и да го киднапира вниманието и да го насочи кон деструкција, провокации, меѓусебни закрвувања, лоши сценарија за рушење на институциите на државата и на имиџот на државата. Ние во Владата, државните иснтитуции кои раководиме по волја на избирачите нема да дозволиме марионетки да ја втурнат државата во граѓанска војна. Ниту партиска, ниту меѓуетничка, ниту меѓурелигиска. Наша судбина е соживот и меѓусебна соработка, уважување и почит. На провокации сме имуни, на опасни дејства како закана сме подготвени.Ние сме на бедемот на кој сите оние кои плетат секакви сценарија ќе се заглават. Сите ние заедно сме силата, која знае добро што значи да ја сакаш својата држава, која знае како се работи за државата и народот и што значи да создаваш иднина за идните генерации – потенцираше премиерот.

Груевски упати порака до членството.

– Бидете будни и внимавајте на провокации, не дозволувајте некој да ве наседне, тоа им е намерата. Бидете горди и достоинствени, ние знаеме што правиме и која е нашата цел, ние и сакаме добро на оваа држава и на целиот наш народ. Апелирам до граѓаните на Македонија, до Македонците како мнозински народ, да не подлегнуваат на пропаганда, да не дозволат да бидат цел на манипуланти водени од своите чувства и политичка припадност. Никогаш да не забораваат дека партии ќе доаѓаат и ќе си заминуваат од власт на избори и по нивна мнозинска волја. Но победник секогаш и единствено е народот. Особено во вакви опасни и историски пресвртни ситуации – додаде премиерот.

На собирот беа најавени и неколку значајни инвестииции за Битола. Една американска компанија за бизнис услуги потпишала договор со Владата минатата недела за отворање на своја компанија во Македонија, во Скопје и во Битола. Со проектот се планираат 2.000 вработувања, од кои најмалку 500 во канцеларијата во Битола. Своја инвестиција најави и една  турска компанија која купи градежна парцела во индустриската зона Жабени, со вкупна површина од 24.000 квадратни метри. Компанијата ќе гради погон за производство на земјоделска механизација, каде се очекува производството да започне до крајот на годинава. Предвидени се повеќе фази, со вкупна инвестиција од пет милиони евра, како и вработување на 150 лица во три години. Во Кравари се планира инвестиција во најсовремена фабрика за производство на чипс во регионот која ќе извезува во цела Европа и ќе обезбеди вработувања на над 100 лица. Купена е парцелата, фабриката ќе започне со производство во текот на годината. Во Жабени се продадоа уште неколку парцели за градење фабрики, а постои интерес од неколку други компании за инвестиции во Битола и битолско, со кои преговорите на тимот за инвестиции се во тек.

– Тоа е нашата борба за секое ново работно место, и ништо нема да дозволиме да не дефокусира од таа наша цел која е од интерес за сите граѓани – рече Груевски.

Освен него, на митингот во Битола свои обраќања имаа локалниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски и пратеникот Антонио Милошоски.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*