Битолските новинари, фоторепортери, камермани, технички реализатори директно или индиректно вклучени во средствата за јавно информирање и од двата сектора, во петокот, во националната установа “Завод и музеј“ презентираа фото- изложба на тема „Битолско ретроспективно новинарство”.
Фото -изложбата е поместена во изложбениот салон на битолскиот Музеј, а на посетителите им се понудени повеќе од 100 фотографии од приватната архива на новинарите или нивните редакции.
-Станува збор за фотографии од настани во градот, прес- конференции, истражувачка работа, водителство, но и новинарски другарувања што често ги практикуваат битолските новинари. Секогаш интервјуираме, снимаме, фотографираме политичари, функционери и други јавни личности, но овој пат објективот го свртивме од другата страна, кон самите нас, истакна новинарката Жанета Здравковска.
Преку изложбата, додаде, на јавноста и се раскажува љубовта кон оваа професија.
Според Петар Ставрев, еден од доајените на битолското новинарство, во битолските медиуми се регистрирани над 200 лица, новинари, фоторепортери, камермани, кои работеле на локално, регионално и национално ниво.
-Извршувајќи ги работните задачи сме се радувале опишувајќи добиени награди, а сме тагувале и плачеле за трагедии, пожари и други човечки судбини. Сме ги надминувале сопствените животни секојдневија пропуштајќи си родендени и други домашни веселби, ставајќи ги во преден план професионалните обврски. Секогаш сме се залагале за објавување на точни и проверени информации и со почитување на сите законски процедури, демократските, естетските и слободарси процеси, рече новинарот Петар Ставрев.
Изложбата на тема „Битолско ретроспективно новинарство” ја поддржаа НУ Завод и Музеј-Битола, печатница АД „Киро Дандаро”-Битола и млекарницата „БиМилк.
Б.В.
Фото: Игор Војновски