По спектакуларниот настап на Миксер фестивалот во Белград легендарниот српски рок бенд “Партибрејкерс“ доаѓа во Битола.
Со оглед на тоа што „Миксер” е најголемиот регионален музички фестивал на кој годинава се собраа преку 1.000 музички творци од земјата, регионот и светот, при што „Партибрејкерс” беa меѓу главните музички актери на сцената, јасно е со каква енергија овој бенд ќе настапи и пред битолската публика.
Со гостувањето во рамките на меѓународниот фестивал Битола Отворен град 2015 во организација на Младинскиот културен центар Битола, “Партибрејкерс“, премиерно ќе настапат во Битола в сабота на 27 јуни 2015 година.
“Партибрејкерс“ е бенд со богата биографија, кој веројатно има најверни фанови на балканската сцена. По основањето во 1982 година својата музичка приказна ја започнуваат интензивно, со јасни текстови, остри мелодии и искрени бунтовнички ставови кои веднаш беа препознаени и прифатени од младата публика. По ова, се редат хитови и многу концерти, како во регионот, така и низ светот, при што особен печат оставаат нивните големи концерти во Германија, САД, Канада.
Беа предгрупа на големиот англиски рок бенд “Motorhead” на сите концерти на нивната турнеја во поранешна Југославија. Во 2012 настапија на главната сцена на фестивалот “Exit” пред бендовите “Wolfmother” и “Guns n’ Roses”, а нивниот заеднички настап со Чак Бери во Загреб е секако еден од најважните моменти во кариерата на бендот.
Нивниот актуелен албум „Крш и лом” донесува 14 нумери кои претставуваат пресек на целокупната кариера на бендот. Со нивните експлозивни настапи, легендарните “Партибрејкерс” одамна го носат епитетот на бенд кој што мора да се види во живо.
До сега “Партибрејкерс“ имаат издадено 12 музички албуми од кои произлегуваат многу музички хитови актуелни за сите генерации. Бендот во овој период го завршува материјалот за својот нов студиски албум, а истовремено се снима и филм за подготовката на албумот кој треба да се појави на почетокот на следната година.
На 27 јуни битолчани и воопшто публиката која традиционално доаѓа на Фестивалот “Битола Отворен град“ ќе имаат можност да го проследат настапот на “Партибрејкерс“ на Широк сокак.