По повод Денот на државноста на Р.Хрватска, Македонско-хрватското друштво и хрватскиот културен центар Марко Марулиќ од Битола,во соработка со хрватската матица на иселеници Сплит и битолскиот Завод и музеј, традиционално и оваа година ја организираат манифестацијата за одбележување на овој ден.
Преку концертот на женската клапа Марјанки од Сплит и прикажувањето на документарниот филм-Најстарија сплитска кавана , на авторот Горан Борчиќ, ќе се презентира дел од сплитската традиција и култура во Битола.
Женскиот состав Марјанки, својата работа ја темели на традиција долга повеќе од 50 години.Бил под раководна палка на едни од најпознатите хрватски музичари меѓу кои сплитскиот композитор Силвио Бомбардели.
Денес се под водство на Ирис Симоновиќ.
Учествуваат активно во сите културни случувања на градот и регионот, како и на различни манифестации, хуманитарни случувања, ликовни и книжевни промоции а дел од нивното долгогодишно постоење на хрватска музичка сцена се и многубројните гостувања надвор од Хрватска на реномирани музички фестивали .
Главната карактеристика на овој женски состав е обработката на старите далматински напеви,шансони,песни на препознатливиот “клапски” начин како изведба на познати хрватски песни.
Манифестацијата е во рамките на одбележување 21 година постоење на МХД, Хрватски културен центар Марко Марулиќ Битола.
На манифестацијата се најавени да присуствуваат претставници на дипломатскиот кор на Македонија меѓу кои и хрватскиот Амбасадор во Македонија-Крамариќ.
Концертот ќе се одржи на 28. јуни, в недела, во културниот центар Магаза со почеток од 19 часот и 30 минути.
Б.В.