Убавиот сон што го сонуваа битолчани што пред неколку години купија локации за изградба на индивидуални станбени објекти на Златниот рид, конечно ќе им се оствари и по подолга неизвесност и чекање наскоро тие ќе можат да почнат со изградба на своите куќи.
Ваквата убава вест викендов на битолчани им ја соопшти градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој во петокот го потпиша договорот со градежната компанија „Гранит” од Скопје за почеток на градежните работи за урбанизација на Златниот рид и негово комплетно инфраструктурно уредување.
Со овој договор, локалната самоуправа на Битола ќе може да користи над 1,5 милион евра од кредитот од Светска банка за урбанизација на Златниот рид, која е една од најатрактивните локации во Битола, сместена под самото Тумбекафе.
Со средствата од Светска банка на Златниот рид ќе се градат нова водоводна мрежа, атмосферска канализација, електрификација и нови коловози, а ќе бидат асфалтирани и најмалку седум нови улици.
– Ова е мошне значен момент за Битола. Во изминатите неколку години откако поранешната битолска касарна ѝ беше дадена на локалната самоуправа, ние во урбанизацијата на Златниот рид, или поранешната касарна вложивме доста сопствени средства. Со тие средства и ангажирањето на нашите комунални претпријатија направивме многу за средување на инфраструктурната мрежа, која е речиси финализирана. Но со оглед на тоа што се работи за огромен проект, во кој практично се предвидува изградба на цел еден нов град, во кој ќе живеат најмалку 5.000 битолчани, со многу значајни објекти: колективни станбени згради, индивидуални куќи, хотели, супермаркет, училишта, факултети, филмско студио, аквапарк, урбанизацијата на Златниот рид со сопствени средства буквално беше невозможна.
Затоа ние побаравме задолжување од Владата на Република Македонија за користење на средствата од Светска банка во висина од 2,5 милиони евра за инфраструктурно уредување на Златниот рид – нагласи градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Според него, среќна околност е што во текот на тендерската постапка цената за изградба на планираната инфраструктура се спушти на 1,5 милион евра, така што сега со многу помалку средства ќе можеме да ги завршиме планираните зафати, за изградба на водоводна мрежа, атмосферска канализација, електрификација, изградба на тротоари, зелени површини, коловози и најмалку седум нови улици, кои во наредниот период ќе се поврзат со постојната инфраструктура, која во претходниот период општината Битола, самата, со сопствени средства ја изградила.
Проектот за инфраструктурно уредување на Златниот рид треба да биде завршен за 15 месеци, а градежните зафати ќе ги изведува градежната компанија „Гранит” од Скопје.
Инаку, за инфраструктурно уредување на Златниот рид на меѓународниот тендер конкурирале дури 18 градежни фирми, кои подигнале тендерска документација, од кои само 4 ги исполниле условите.
– Со кредитот од Светска што ни беше одобрен одобрени ни се вкупно 2,5 милион евра за урбанизација на Златниот рид. Тој кредит е строго наменски и исклучиво може да се користи за изградба на инфраструктурни зафати во Златниот рид.
Со оглед на тоа што во текот на тендерската постапка цената на изведбата на овој проект за овие зафати падна на 1,5 милион евра, од кредитот што ни беше одобрен ќе ни останат околу 1 милион евра.
Со нив откако ќе ги завршиме овие градежни зафати ни се дава можност за натамошно вложување во делот на инфраструктурата во Златниот рид во износ од околу 1 милион евра – нагласи градоначалникот Талески.
Инаку инфраструктурното уредување во Златниот рид со нетрпение го очекуваат не само компаниите што купија парцели за изградба на колективни станбени згради, хотели и супермаркети туку и граѓаните на Битола, кои во оваа атрактивна локација купија парцели за индивидуална станбена изградба, кои во изминатиот период поради неурбанизираноста на парцелите не можеа да почнат со изградба на своите објекти, а оние градежни компании што ги изградија колективните станбени згради да не можат да ги продаваат становите, иако побарувачката за нив беше мошне голема.
Токму поради неизградената инфраструктура досега во Златниот рид, покрај неколкуте станбени згради, е изградена само една индивидуална куќа, која сѐ уште не е вселива.
Затоа во новите анекс-договори, кои купувачите на парцелите ги потпишаа со општината, се предвиде дека изградбата на станбените куќи може да почне откако ќе се создадат услови за тоа.
Златниот рид се протега на површина од над 100 хектари и се наоѓа под Тумбекафе. Станува збор за една од најатрактивните локации во градот под Пелистер. Токму затоа висината на цената на становите по квадратен метар на оваа локација е највисока и се движи над 850 евра.
Б.В.