Пред извесно време во еден весник прочитав една мисла која на најдобар начин ја отсликува сегашната ситуација во која се наоѓа Република Македонија.
Колку што се сеќавам таа отприлика гласеше дека денес во Република Македонија не си нормален, ако не побудалиш.
Иако долго време се обидував таквата мисла да ја игнорирам, сепак, како што минува времето и како што кај нас се одвива “Шарената револуција“ и начинот на кој “патриотите“ не бранат од истата, мислам дека не ќе треба да помине многу време кога не само поединечно, туку и колективно сите ние ќе мораме да побудалимне долколку сакаме да останеме нормални.
Навистина Македонија се наоѓа во една шизофрена ситуација. Постојано ширум државата секојдневно се протестира и се искажува револтот од актуелните состојби.
Во државата се одвива “Шарена револуција“, во која “шарените револуционери“ секоја вечер ги пребојадисуваат спомениците и државните објекти, искажувајќи го на тој начин својот револт кон актуелната власт.
За тоа време “патриотите“ на ГДОМ, на контрапротестите, се обидуваат да му влеат доверба на народот дека тие се тука и дека во никој случај нема да дозволат никој да ја загрози стабилноста на државата.
Ваквата ситуација во Република Македонија многумина ја оценуваат како шизофрена. Дека се работи за шизофрена ситуација најдобра потврда е тоа што сега “револуционерите“ од т.н. “Шарена револуција“, кои ја имаат целосната поддршка на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, излегоа на улица со барања по никоја цена да не се одржат предвремените парламентарни избори на 5 јуни.
Иако, токму Заев беше тој, кој со закани се обиде да го уцени Груевски да закаже предвремени парламентарни избори, сега тој и опозицијата секојдневно протестираат по секоја цена да го одвра-тат Груевски од одлуката на 5 јуни да се одржат предвремени избори.
За тоа време лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој категорично тврдеше дека заканите на Заев нема да го предомислат од неговата одлука во Македонија да не се случат предвремени избори, сега е цврст на одлуката на 5 јуни во Македонија по секоја цена да се одржат предвремени парламентарни избори.
Сега кога улогите се сменија и кога наместо опозицијата, власта е таа која инсистира да се одржат предвремените парламентарни избори, додека опозицијата не сака ни да слушне да излезе на избори, тешко е човек да остане нормален.
Но покрај колективното лудило од кое се инфицира народот, во сегашната ситуација и партиските членства на двете најголеми партии се збунети.
Освен најблиските членови на Груевски и Заев, буквално никој другне знаат како ќе се одвиваат работите во наредните не месеци, туку и часови.
Иако на протестите и контрапротестите, протестантите излегуваат со конкретни барања изборите за 5 јуни да се одложат и со категорични одговори дека овој пат до одлагањена изборите нема да дојде и дека истите на 5 јуни мора да се одржат, сепак како што е вообичаено кај нас, со посредство на странските дипломати се одвиваат тајни преговори за тоа дали ќе има, или нема да има предвремени избори.
(Не)одржувањето на предвремените парламентарни избори кај нас стана прашање за милион долари.
Во ситуација кога пред извесно време во Сирија, земја која 5 години е во граѓанска војна и која неколку милиони Сиријци ја напуштија државата, се одржаа предвремени парламентарни избори, Македонија, земја-кандидат за влез во ЕУ, не може да организира фер и демократски избори. Ваквото сознание навистина е фрустрирачко.
Политичките лидеи на двете најголеми политички партии, заслепени од своите суети, со своите политики до таа мера го поделија и закрвавија народот и само благодарение на бога и на високата свест на народот, досега не се случи тоа што некои можеби го посакуваат меѓусебно да почне да се пресметува.
Состојбата во Македонија не само што е шизофрена, тука таа е повеќе од загрижувачка.
Благодарение на ваквите политики економијата во државата буквално е на колена. Колку и да се трудат економските стручњаци да не убедат дека економијата е стабилна, сепак сите податоци говорат дека економската состојба во Република Македонија е во агонија и сериозен пад.
Обичните граѓани се, најблаго речено, не само разочарани, туку и исплашени.
Веќе никој не зборува за иднината на државата. Сите стравуваат за сегашноста. Затоа, додека е време, за да не побудалиме сите за да останеме нормални, крајно е време да се најде излез од овој безизлез.
Автор Менде Младеновски