Како што беше и најавено доцна попладнево, Здружението за чист воздух во Битола,” За нас се работи “ ја одржаа предупредувачката блокада на патот Битола-РЕК “Битола”. На протестот, организаторите ги истакнаа своите барања до надлежните општински и државни институции.
На него беше прочитан Меморандумот кој Здружението “ За нас се работи “ го испрати до надлежните институции.
Во Меморандумот меѓу другото се бара сите политички партии кои што учествуваат на предвремените парламентарни избори, без разлика кој и да победи, да ги обезбеди под итно двете мерки кои што ова здружение ги бара, а тие се укинување на ангажираната моќност, од сметките на сите приклучоци на 20 до 30 отсто на потрошените киловат часови за секој потрошувач, значи на некој начин субвенционирање за електрична енергија од последиците што ги имаме од РЕК “Битола”, како и итно воведување на режим на сообраќај за централното градско подрачје, кога ќе се палат ќумбињата дома , кога ќе се движат автобусите тогаш треба да се регулира сообраќајот во градското подрачје , се истакнува во Меморандумот.
Од Здружението “ За нас се работи “ ги отфрлаат сите етикети дека нивниот протест има политички карактер.
-Ние не сме ни за една, ни за друга политичка партија. Ние не сакаме да етикетираме никого. Нас ни е битно здравјето на битолчани . Ние се собравме овде не искучиво да протестираме, туку да им кажеме на оние кои ги затвораат нашите улици кога доаѓаат во нашиот град со црни возила и полициска придружба, ние ги чекаме, бидејќи имаат некои свои приоритети кои за нас се малку важни.
Ние во Битола имаме еден приоритет во моментот, не затоа што ние сакаме, туку нивните резултати покажуваат дека тоа е приоритет, а тоа е загадениот воздух и се поголемиот број на смртни случаи во Битола токму од загадениот воздух, од загадената почва и вода која е резултат на тоа. Од тие причини одлучуваме сега, во предизборието, кога сите се собираат и ги бараат нашите поддршки и нашите заокружувања на нивните бројки, да им кажеме дека ако нивниот приоритет е чист воздух, и ќе останеме на тоа , ќе го блокираме овој пат, а ако се собере доволно народ ќе тргнеме кон РЕК со цел да им кажеме дека ние не сме деструктивни и дека не сакаме ништо да расипиме, туку дека сакаме некој еднаш за секогаш да застане и да најде решение за ова што ни се случува, нагласија од Здружението “ За нас се работи”.
Инаку блокадата на патот Битола – РЕК “Битола “ предизвика вистински хаос во сообраќајот во Битола и револт кај возачите, кои ни криви ни должни на ниските температури мораа со часови да стојат во долгите колони кои се создадоа низ битолските улици.
Б.В.