Најновата премиера на претставата “Барбара те сакам“ на младинската сцена при Интимен театар кои прават претстави во склоп и под менторство на Интимен театар ќе се одигра пред битолската театарска публика в сабота, на 18 април, со почеток од 20 часот.
Претставата е содржана од неколку текстови од повеќе автори, особено од младиот српски автор Александар Дошиќ кој најмногу зборува за бедата на општеството, финансиската, моралната, политичката и социјалната беда и неможноста луѓето да создадат квалитетен човечки однос и живеат во услови на екстремна финансиска беда.
Како авторка се јавува и актерката во претставата, Ана Жежовска која ја третира љубовта, и колку двајца кои се од различни социјални слоеви можат да имаат квалитетна љубовна врска.
-Проблемите доаѓаат директно од луѓето кои не опкружуваат. Во претставата се поставува круцијалното прашање. Дали денеска постои љубовта, човечноста наспроти огромната сила на капиталот, парите, и парите се пред се? Затоа називот на претставата е “Барбара те сакам“ како повик барем веруваме дека луѓето имаат капацитет да сакаат, момент на човечност- истакна на денешната прес-конференција, познатата режисерка и основач на Интимен театар, Софија Ристевска.
Режисерката Ристевска ја пофали работата на младинската сцена при Интимен театар.
-Тие експериментираат во истиот стил како главната сцена на Интимен театар и во овие млади луѓе има голем потенцијал бидејќи се идните гледачи, идните креатори на општественото мислење. Интимен театар моментно активно ја негува оваа младинска сцена и понатаму ќе ја продуцираме- посочи режисерката Софија Ристевска.
Во Интимен театар можеме без задршка да го кажеме нашиот став, мислење, да се изразиме на креативен начин, посочи пред новинарите, Димитар Шутевски, режисер на претставата “Барбата те сакам“.
– Храбро застануваме пред публиката и говориме за нашите проблеми. Во претставата се поставува прашањето дали човек кој е маргинален во општеството, може да развие љубовен однос со човек од висок социјален слој, или овие две карактеристики не одат во комбинација- изјави Димитар Шутевски, режисер на претставата.
Во претставата настапуваат: Ана Жежовска, актерка и авторка, и актерите Христина Стефановска, Симеона Павловска, Благој Јовановски.
-Не треба да бидеме со затворени очи пред што се случува околу нас, младите како стожер можат многу да влијаат на иднината. Луѓето забораваат да се сакаат, преокупирани се со секојдневната трка по егзистенција пари и забораваат на круцијалното нешто во животот, Љубовта ќе не одржи како луѓе во овој динамичен 21 век- рече актерката и авторка Жежовска.
-Потрагата по матријалното богатство во денешницата претставува веќе проблем, бидејќи луѓето ги занемаруваат нивните чувства- рече актерката Стефановска.
– Во претставата директно говориме за проблемите на младите, искрено и од срце- рече Павловска.
Два месеци се работеше претставата која е финансиски поддржана од Општина Битола.
Кореографка на претставата “Барбата те сакам“ е Стефанија Милевска.
Реприза на претставата ќе се одигра в недела на 19 април од 20 часот во Интимен театар- Битола.
В.М.Мл