Don't Miss
Home / Македонија / Бесплатни елаборати за легализација

Бесплатни елаборати за легализација

Владата апелира да се искористи можноста за бесплатна изработка на елаборати за легализација, мерка што се однесува за корисниците на социјална и постојана парична помош и за лицата со ниски примања на ниво на домаќинства до 168.000 денари годишно.

– Што побрзо ги поднесат барањата толку побргу ќе добијат легализација и сопственост на имотот – изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Од средината на минатиот месец, од кога тече рокот, до Агенцијата за катастар на недвижности чии служби ќе ги изработуваат елаборатите се поднесени 100 до 200 барања.

– Сакаме тој број да биде рапидно зголемен и да се овозможи поголема динамика и интензитет. Убедени сме дека со што побрзото поднесување на барања овие граѓани за кои важи ова право ќе имаат несомнено голема корист и по обем и по квалификации – рече Ѓорѓиев.

Процедурата за поднесување на барањата, според него, е едноставна и не бара голема загуба на време, а е без трошоци.
– Лицата кои користат социјална или постојана парична помош треба да извадат потврда од центрите за социјална работа дека се корисници на таква помош и потврдата да ја однесат на шалтер во Агенцијата за катастар на недвижности, каде што ќе им биде даден образец за да пополнат, да го пријават своето барање, да го запишат и бројот на поднесокот на основната легализација. Потоа во соодветен период ќе се реализира изработката на бесплатниот елаборат од страна на државниот Катастар – информира Ѓоргиев.
Лицата, пак, кои не користат социјална и постојана парична помош, но се со ниски примања до 168.000 денари годишно на ниво на домаќинство, треба да извадат потврда од Управата за јавни приходи и по истата процедура да ја достават до катастарот и да пополнат образец за реализација на ова право.
– Апелираме до сите овие лица за кои важи оваа можност во што побрз период да ги поднесат своите барања да добијат приоритет во изработката на овие елаборати и во една пократка процедура да можат да го реализираат своето право односно да го легализираат објектот во којшто живеа – истакна Ѓорѓиев.

Тоа, додаде, несомено ќе биде од голема корист за нив, за нивните семејства, за целокупното домаќинство, затоа што тие ќе добијат сопственост на тој објект, што се разбира дека значително ќе придонесе во подобрување на нивната економска состојба затоа што сопственоста којашто ќе ја добијат нуди и други можности, а се разбира и дека го зголемува обемот на вредност на посед на имот на домаќинствата.
Крајниот рок за доставување на елаборатите за легализација, како дел од документацијата за стекнување правен статус на објектите, е крајот на следната година.

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*