Со полагање на свежи цвекиња на гробовите на алжирскиот војник, Мухамед Бен Лулу, кој припагаше на Првиот африкански пешадиски полк, како и на францускиот војник, роден во Алжир, Албер Виларе, војник на 4 полк на Зуавите, кои загинаа за време на битката за Битола, денеска на француските гробишта во Битола, беше одбележана стогодишнината од битката за Битола.
На комеморацијата се одржаа пригодни говори на францускиот амбасадор во Република Македонија, Кристијан Тимоние и амбасадорката на Алжир во Република Македонија, нејзината екселенција Таус Џелули, како и молитви за загинатите француски и алжирски војници, двајцата амбасадори зборуваа за значењето на битката за Битола.
-На 17 и 18 мај 1917 год. за време на борбите се одржа жестока битка за Битола, во која учествуваа над 6.000 војници на колонијалните единици, во зоната наречена “Црвена скала”.Меѓу нив имало многу Алжирци, или Французи, мобилизирани во Алжир. Загубите беа страшни. Од 13.000 војници, колку што учествуваа во битките најголемиот број од нив загинаа и се погребани на тукашните француски гробишта, а таа битка ја преживеале само 259 војници.
Овој комеморативен настан нека биде во знакот на братството, во знакот на братсвото што го споделувале борците, кои истовремено ја делеле водата и лебот, истиот терор и насталгија, за нивните сакани татковини. Братство од нивните наследници кои сега сакаат да работаат заедно околу Медитеранот за поправеден и поблескав свет. Братсво на сите луѓе со добра волја кои што одлучија да не ги заборават ужасите на војната за да изградат мир, рече францускиот амбасадор во Република Македонија, Кристијан Тимоние.
Зборувајќи за значењето на битката за Битола амбасадорката на Алжир во Република Македонија, Таус Џелули, рече:
-На овои простори се случи едно од најкрвавите поглавја во историјата на 20 век.Денеска сме собрани да им оддадеме почит на луѓето од кои некои се мои сонародници, затоа што ги дадоа своите животи за еден идеал и затоа што никој не смее да ја заборави пожртваноста, бидејќи тие ги положија своите животи далеку од сопствената земја. Оваа жртва на генерациите пред нас за да ги одбранат вредностите на слободата сосема извесно ги инспирираше следните генерации во мојата земја, кои водеа битка што доведе до независност на Алжир.Овие луѓе дојдени од различни светови се бореа заедно, починаа заедно, без оглед на нивните верувања, нивното потекло и боја на кожа. Во мојата култура, поклонот на гробовите на најблиските е значаен општествен чин, па затоа сочуствувам со семејстава на овие војници коишто сигурно никогаш не можеле да го исполнат таквиот чин, рече амбасадорката на Алжир во Република Македонија, Таус Џелули.
Инаку да потсетиме на битката за Битола му претходеа многу други крвави битки. Најпрво кон крајот на 1914, на Запад, како и на Исток, состојбата на фронтот на Големата војна била непроменета. Тогаш, Винстон Черчил предложил да се помине во офанзива на Константинопол, преку протокот на Дарданелите. Сепак, таа офанзива доживеала неуспех, а влегувањето во војна на Бугарите во септември 1915 година претставувало нова закана за Србија. Тогаш Франција одлучила да почне нова операција за поддршка. На 5 октомври 1915 година војниците на Француската источна Армија се истовариле во Солун. По првичното напредување кон север во регионот на Градско, бугарските сили ја принудиле Источната армија и нејзините српски и англиски сојузници да се повлечат во ноември 1915 година во правец на Солун.
Во 1916 година Француската армија повторно го освоила градот Битола, но тој и понатаму бил гранатиран од бугарската артилерија од правец на планината Баба. Во пролетта 1917 година, Франција започнала офанзива, но таа резултирала само со убиствени борби. На 18 мај, бугарските топови ја гранатирале областа наречена “Црвена Скала”. Во борбите учествувале 6.000 војници кои припаѓале главно на полкови од Алжир и составени од Алжирци или Французи родени во Алжир. Загубите биле страшни. Голем број од тринаесетте илјади војници погребани на Француските воени гробишта во Битола загинале на 18 мај 1917 година. Преживеале само 259 војници.
М.Младеновски
Фото В М Младеновска