Home / Економија / Битола на стенд бај

Битола на стенд бај

Додека битолчани некако навикнаа да ја гледаат чаршијата во такво издание, сепак особено нешто што загрижува е што по почетокот на протестите од Битола кренаа раце и неколку мошне заинтересирани странски инвеститори, кои деновиве требаше да почнат со реализацијата на своите инвестиции во индустриската зона „Жабени”.

И покрај тоа што стручните служби и локалната самоуправа, како и градоначалникот на Битола, Владимир Талески, прават сѐ животот во градот под Пелистер да се одвива нормално, сепак последиците од протестите веќе на големо се чувствуваат во градот под Пелистер.

Битола меѓу Шарената револуција на „Протестирам“ и контрареволуцијата на ГДОМ, едноставно тивко „умира“. Иако засега е далеку од тоа, сепак по многу нешта деновиве градот потсетува на насловот од филмот на Лордан Зафрановиќ „Окупација во 26 слики“.
За тоа како изгледа Битола деновиве најдобра потврда е фактот дека иако е време на матурски прослави, старата битолска чаршија, не само за обичните, туку и за пазарните денови е речиси празна или затворена.

Наместо во своите дуќани, продавачите дури и на некогаш најексклузивните бутици во чаршијата деновиве седат пред излозите, очекувајќи некој од битолчани да намине ако не да купи, тогаш барем да разгледа што има да се купи.

Според зборовите на еден од најстарите дуќанџии во чаршијата, Велчо Петровски-Папало, моментно во чаршијата во Битола единствено работа имаат продавачите на семки и сончоглед, бидејќи сите сопственици на дуќаните и продавачите, во недостиг од купувачи буквално седат пред своите дуќани и грицкаат семки и сончоглед.

И додека битолчани некако навикнаа да ја гледаат чаршијата во такво издание, сепак особено нешто што загрижува е што по почетокот на протестите од Битола кренаа раце и неколку мошне заинтересирани странски инвеститори, кои деновиве требаше да почнат со реализацијата на своите инвестиции во индустриската зона „Жабени“.

Иако засега нема официјална потврда за тоа од локалната самоуправа, сепак според информации на „Битолски весник “ во моментот најмалку пет странски инвеститори, од кои двајца од Италија и двајца од Турција, како и еден инвеститор од Грција едноставно ги „замрзнаа“ активностите за реализација на своите инвестиции.

Од индустриската зона велат дека засега немаат официјална потврда дека тие се откажуваат од најавените инвестиции, но тоа што е симптоматично е што ако порано инвеститорите беа тие што додеваа за почетокот на инвестициите, сега едноставно никаде ги нема и не се јавуваат.

– Точно е тоа дека сѐ некако како во стенд бај. Сите се во исчекување што ќе се случи и како ќе се одвиваат работите, не само во Битола, туку и во државата – велат од „Жабени“

Тоа што особено загрижува, е што според информациите, кои ги добивме од локалната самоуправа, буџетот на општината веќе не се полни според планираната динамика. Не само инвеститорите, туку и граѓаните, а и дел од фирмите едноставно застанаа и не ги плаќаат давачките спрема општината.
Особено во моментот загрижува уплатата на комуналните такси, фирмарините, како и другите давачки кон локалната самоуправа. Во последно време изостануваат дури и уплатите за данок на имот, а драстично се намалени и уплатите од купопродажни договори, бидејќи нив едноставно ги нема.

Иако во градот, особено во „Златниот рид“ во моментот интензивно се градат станбени згради, сепак засега драстично е намалена продажбата на станови и покрај релативно ниските цени. Поради таквиот однос на должниците, деновиве општината Битола и покрај разбирањето што го има кон своите сограѓани, дури беше принудена со писмени опомени да ги предупреди на нивните обврски. Во ваква атмосфера на стенд бај, каква што моментно владее во Битола, деновиве и некои основни и подрачни училишта останаа без струја, а на својата (не)ликвидност се жалат и некои фирми што соработуваат со општината.

– Иако ситуацијата во која се најде Битола последните денови не е пријатна и едноставно некој се обидува на секој начин да ја блокира работата на општината, сепак ние се трудиме колку што можеме работите да се одвиваат нормално и според предвидената динамика. Но да бидам искрен сепак сите случувања во градот доста негативно се одразуваат на функционирањето на локалната самоуправа. Ако во извесна смисла некои проблеми, со кои непланирано се соочуваме некако ќе ги надминеме, сепак тоа што најмногу треба сите нас да нѐ загрижи е што инвеститорите што имаа најава за почеток на своите инвестиции, едноставно во последно време гледајќи ги состојбите во општината, а и во државата, размислуваат што ќе прават понатаму. Никој не сака да разговара за инвестиции во градот, кој секој ден е под опсада на разни групи протестанти, кои едноставно ја уништуваат општината.

Последиците од тоа сите ние допрва ќе ги чувствуваме, бидејќи доколку инвеститорите се откажат од своите инвестиции, во тој случај проблемот со решавање на невработеноста во Битола ќе мораме и ние да го одложиме за некои подобри времиња – вели градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој иако во последно време е цел на „герила-акциите“ на дел од протестантите на „Протестирам“, сепак настојува сето тоа да не се одрази врз работата и нормалното функционирање на општината.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фотографија: Сашо Ристевски

Текстот е објавен во дневниот весник Нова Македонија 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*