Во врска со блокадите на патниот правец Битола РЕК “ Битола “ и најавите на некои членови на Здружението “ За нас се работи “ за целосна блокада на Комбинатот, со реакција се јавија од АД ЕЛЕМ .
Во реакцијата меѓу другото се вели дека блокадата на јавниот пат што води до РЕК “Битола” од страна на Здружението на граѓани „За нас се работи” и најавите за целосна блокада на Рударско-енергетскиот комбинат е опасна авантура што може да предизвика тешки последици по енергетската стабилност на државата, имајќи во предвид дека станува збор за најголемиот капацитет за производство на електрична енергија во Република Македонија.
-Овој чин го сметаме како напад врз стратешка цел, особено затоа што се спроведува во услови кога рударско енергетскиот комбинат се подготвува за работа во зимски услови. Уште повеќе зачудува тоа што барањата кои ги поставува ова Здружение најмалку се однесуваат, се во надлежност, или пак зависат од работата на РЕК “Битола”, се вели во соопштението на АД ЕЛЕМ, во кое меѓу дргото се додава:
-Би сакале да нагласиме дека блокадите се организираат во период кога во РЕК “Битола” течат најголемите инвестициски вложувања во неговото четириесетгодишно постоење, насочени кон зачувување и унапредување на животната средина. Само да потсетиме дека со реализацијата на проектот за модернизација на котлите на два блока на термоелектраната остварено е намалување на нивото на штетните емисии на азотни оксиди и нивен континуиран мониторинг, што РЕК “Битола” го прави компатибилен во делот на емисија на азотни оксиди исполнувајќи ги најстрогите европски директиви за заштита на животната средина. Понатаму, во тек е проектот десулфуризација, односно изработена е фисибилити студијата која ги одреди методите за намалување на ЅОх честичките и прашината, вклучително и на влијанието на сите други штетни материи кои се резултат на процесот на производство во РЕК “Битола”, согласно европската директива ИЕД 2010/75/ЕУ.
Според утврдената динамика течат активностите и за капиталниот проект за топлификација на општините Битола, Новаци и Могила, кој се наоѓа во фаза на подготвување на документација за јавен повик за избор на изведувач на работите. Со негова реализација трајно ќе се елиминира штетното влијание од честичките што се резултат на процесот на согорување на цврстото гориво, кое се користи за затоплување на домовите во наведените општини како значаен фактор на загадување на животната средина, особено во зимските месеци. Не треба да се заборават и стандардните мерки за заштита на околината,кои редовно се практикуваат во РЕК “Битола”, како што се редовното одржување на електростатските филтри со висок степен на прочистување, континуираната рекултивација и пошумување на терените околу Комбинатот и секако поволната ружа на ветрови која дува во правец север – југ , како значаен фактор за елиминирање на штетните влијанија врз Битола и околината.
Како резултат на сите овие преземени активности, резултатите од мерењата на квалитетот на амбиенталниот воздух во околината на РЕК “Битола” , што редовно се извршуваат на три пункта во околината на комбинатот, покажуваат вредности кои се во рамките на дозволените граници. Измерените вредности, согласно позитивната законска регулатива, редовно се доставуваат до надлежните институции.
На крај, апелираме до сите организации и здруженија на граѓани, да не го користат РЕК “Битола” за остварување на своите интереси, и да ги остават вработените на Комбинатот непречено да си ги извршуваат дневните обврски, во интерес на сите граѓани на Република Македонија, се нагласува во соопштението на Службата за информирање на АД ЕЛЕМ.
Б.В.