Во рамките на акцијата за генерално чистење на депониите денеска во Битола јавните комунални претпријатија ја реализираа акцијата за чистење на депониите на битолскиот Баир.
Покрај комуланите претпријатија , во чистењето на депиниите се вклучија и претсеадтелот на Советот, Валентин Груевски, заменичката градоначалник, Емилија Костурски, координаторот на советничката група на СДСМ Методија Илиевски дел од советниците од владеачкото мнозинство и директорите на јавните комунални претпријатија.
„Општина Битола продолжува со акциите за чистење на дивите депонии во општината и во градот. Досега се исчистени над 20 диви депонии и значително е намален бројот. Се разбира дека тоа не е крај и не е се чисто. Ќе продолжиме и понатаму да се занимаваме со овие проблеми. Исто така, зголемување на службите во Општина Битола во комуналниот дел е едно од решенијата кое може да ги намали дивите депонии. Не дека ќе ги нема, но мора да делуваме да се намалат“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот.
Координаторот на акцијата, директор на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски изјави дека во Битола има педесетина диви депонии, кои иако се чистат, граѓаните пак ги прават.
„’Комуналец’ во рамките на своите редовни активности врши периодично на месец до два чистење на диви депонии во соработка со ЈКП ‘Водовод’ и ‘Нискоградба’. Во заеднички акции со Општината учествуваме во расчистувањето на дивите депонии што се јавуваат низ градот. Причината за депониите сите сме свесни дека е несовесното однесување на граѓаните. Ние сме секогаш расположени да исчистиме, но никогаш не можиме да исчистиме доволно колку што прават граѓаните диви депонии“, рече Богоевски.