Home / Колумни / Ден кога се оствари сонот на сите генерации

Ден кога се оствари сонот на сите генерации

               

     Денеска  Македонија го одбележи својот голем, би рекол историски  празник, Осми септември, Денот на независноста.

На 8 септември  1991 година, пред точно 32 години, на Референдум вкупно 95,09 отсто од излезените граѓани, или 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас,  акламативно се изјаснија  да живеат во своја  суверена и самостојна македонска држава, независна Република Македонија.

Таквото масовно, би рекол плебисцитарно изјаснување за одвојување од  Југославија и формирање на независна, суверена самостојна држава, Република Македонија беше само потврда на желбата и вековниот стремеж и сон на македонскиот народ и сите народи кои живеат во Македонија,  да имаат своја самостојна независна и суверена држава, во која тие самите ќе ја градат својата сегашност и иднина.

Иако во реферндумското прашање имаше “замка “ бидејќи  покрај прашањето за самостојност, постоеше и дополнително прашање дека Македонскиот народ доколку сака  има  право да се здружи со народите и државите од Југославија, сепак македонскиот народ и народите кои живееја во Македонија  во огромен број се изјасниа за отцепување од Југославија и за своја суверена и самостојна држава, Република Македонија.

Со таквото акламативно изјаснување  на Реферндумот,  на најдобар начин беа демантирани сите скептици, кои “тврдеа” дека Македонија тешко ќе се одлучи да се оддели од Југославија и да живее во сопствена држава.

Таквите скептици  заборавија дека Македонскиот народ со векови чезнеел да има своја автономна и независна држава, Република  Македонија.

Тоа што Македонија во рамките на екс Југославија беше лојална Република и со ниеден свој потег не сакаше да го загрози нејзиниот суверенитет и интегритет, во никој случај не значеше дека Македонскиот народ  го напуштила идејата за своја суверена самостојна и независна држава.

Напротив Македонија останувајки доследна на своите политички и етички  ставови за мирен расплет на југословенската криза до последен момент се залагаше за мирољубиво раздружување од Југословенската федерација.

Таквите свои ставови раководството на Македонија ги вгради и во Платформата Глигоров – Изетбеговиќ.

Но залудно. Тројката Кучан, Милошевиќ и Туџман имаа сосема други  сфаќања и ја почнаа крвавата војна која однесе огромен број жртви.

Но Македонија успеа  во намерите осамостојувањето на држаата да оди по мирен пат.

Неколку дена по Референдумот,  на 17 септември 1991 год. Собранието на Република Македонија ја донесе  Декларацијата за потврдување на референдумските резултати и за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава.                  

Во Декларацијата  стоеше  дека граѓаните на Република Македонија, на  најдемократски начин испишаа нова страница во македонската многувековна  историја и ја  заокружија  на самостојноста и сувереноста на Република Македонија како држава.

За Осми   септември 1991 година  велат дека е Третиот  Македонски Илинден, кога се оствари вековниот сон на сите генерации Македонци, да имаат сопствена држава.

По Илинден 1903 кога во Крушево беше формирана  Првата република на Балканот, следеше Илинден  1944 година, кога во Манастирот Прохор Пчински беа удрени темелите на македонската држава, а на Осми  септември 1991­ година, се случи  Третиот Илинден, бидејки Македонија  го оствари својот сон да биде своја на своето и да има своја Република.                           На тој ден, за разлика од Првиот Илинден 1903 кога Илинденците за Крушевската република се изборија со пушка во рацете и  во неравноправна борба со турскиот аскер, на 8 септември 1991 година Македонскиот народ својата независност ја стекна со пенкало во рацете и слободно изразување без да биде присилен од никого.

Но, за разлика од Крушевската Република, која траеше само 10 дена, денешната Македонија, иако оспорувана, понижувана, онеправдувана  саботирана, условувана … сеуште трае и опстојува.

Осми септември  е олицетворение и синоним на раѓањето на новата суверена и независна држава, Република Македонија.                       

Но, иако покрај Словенија, Македонија од страна на Францускиот правен експерт Бадентер  беше оценета како држава која ги исполнува сите услови по распаѓањето  на Југославија да има своја,  самостојна и суверена држава, сепак веднаш по прогласувањето на независноста почнаа опструкциите кон Македонија на патот за членство во ЕУ.                   

Во изминатата 32 години, Македонија како ниту една земја во светот беше исправена пред опструкциите и негирањето на нејзината самостојност и независност.              Уште од првиот момент на Македонија и беше оспорено правото да има своја независна самостојна држава во настојувањето да биде делегитимирана, Македонија при приемот во ООН беше условена да го смени своето  име во привремено име ФИРОМ кое опстојуваше се до договорот со Грција во Нивице.

Кога по смената на името од Република Македонија, во Република Северна Македонија конечно се симнати сите блокади на патот за Брисел, дојдоа блокадите од нашиот источен сосед, Бугарија, која како и Грција настојува да го блокира нашиот пат кон ЕУ.

        Но тоа што посебно загрижува е поделеноста на македонските политички елити за решавање на проблемите на патот за ЕУ.

        Добар дел од политичарите, особено од најголемите македоснки партии, влезот на Македонија во ЕУ, што е сон на сите генерации Македонци го сметаат како да им е партиско – политичко прашање,  а не прашање од заеднички национален и државен  интерес.

        Затоа сега, од кога било порано  е потребно надминување на суетите и разликите и донесување на заеднички консензус за решавање на спорот со Бугарија.

        Во спротивно сите ќе бидеме губитници и уште долго време ќе бидеме во чекалната за влез воЕУ.

        А за тоа време најголемиот број млади генерации Македонци со бугарски пасоши, како “ Бугари” ќе ја напуштаат државата и ќе заминуваат во Европа.                                         

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*