ДУИ освен поддршката од СДСМ за вториот круг ја обезбеди поддршката и од ДПА. Внатре партиски извори на ДПА велат дека е направен договор со ДУИ, но не открија повеќе детали. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи рече дека ДПА има отворена врата за соработка.
„Сите политички партии, кои го делат истото мислење со оваа проевропска и прореформска коалиција, имаат отворена врата кај нас за соработка. Ние бевме во коалиција со СДСМ бидејќи промовиравме проевропска и прореформска коалиција, а од друга страна имаме коалиција со сомнителна перспектива што ја води земјата кон сомнителни перспективи“, истакна Османи.
Во меѓувреме, и претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека вратите од влада се отворени за сите останати партии, но не откри детали, бидејќи, според него, кампањата за локалните избори се уште е во тек.
Од Алијанса за Албанците велат дека одлуката за коалиција со Движење Беса ја донеле откако СДСМ ја поддржала ДУИ на локалните избори, а според нив, Алијанса за Албанците иако е партнер во владата, не ја добила поддршката од социјалдемократите.