На фејсбук продолжува „експлозијата на бомби“, односно корисникот Ел Чека веќе неколку дена на социјалната мрежа објавува нелегално прислушувани материјали во кои главни соговорници се функционери од ДУИ. Само утринава, Ел Чека има објавено десетина бомби, а најавува и дека наредниот период ќе продолжи со истото темпо.
-Сега Али Ахмети, Муса Џафери, Беќир Хасани и многу други ќе ја
разберат мојата посветеност на ова прашање. Ќе ги публикувам датотеките и
снимките што ги имам, во консултација со мојот адвокат, за сите, а
потоа ќе ги испратам до ЦИА и Американската амбасада во Скопје.
Или ќе бидат затворени за криминалци, или Заеви ќе падне!, пишува утринава објавувачот на новите бомби.
Објавувачот, кој се наоѓа во Чикаго, не го крие својот идентитет, и постојано објавува фотографии од себе, за да како што вели, убаво го видат сите.
МВР информираше дека го лоцирале објавувачот и дека го известиле обвинителството.
-Утврдено е кој стои зад профилот на Фејсбук од каде што се пласирани овие содржини и за тоа е известено Обвинителството. Исто така, известена е социјалната мрежа Фејсбук односно надлежните во оваа компанија се известени дека се пласирани нелегални содржини преку нивниот сервис. По целосното расчистување на случајот, МВР ќе поднесе кривична пријава против сторителот и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста, велат од МВР.