На седницата на Советот на Општина Битола, беше донесена одлука за доделување на финансиска помош на настраданите во поплавите во вредност од еден милион денари.
Советниците дадоа и зелено светло на информацијата за состојбите со опасноста од заразни заболувања во поплавените подрачја во Општина Битола и идни превентивни мерки, што се во надлежност на Центарот за јавно здравје.
Раководителот д-р Тони Коњановски исцрпно пред советниците информираше дека континуирано и будно се следи состојбата во случај на зарази а се проверува и безбедноста на водата за пиење во поплавените региони.
Стручни екипи од Одделението за хигиена и здравствена екологија, задолжени за контрола на водата за пиење, според добиените информации претходни за ризичните места, особено по течението на реката Црна ги спроведува следните активности:
-Земени се и анализирани преку 60 мостри за водата за пиење и отпочната е дезинфекција на резервоарите за вода за пиење во селата со сопствен водовод во општините Новаци и Могила.
Во четирите села, Бач, Живојно, Скочивир и Брод а жителите имаат сопствени водоводи, земени се мостри и дел од нив, не ги исполнуваат критериумите за безбедност и квалитет, па оттука се дадоја препораки за месното население. Во истиот период од втори до 13 овој месец, во осум села во Општина Новаци, кои користат вода за пиење од градскиот водовод, земени се мостри и квалитетот на водата одговара според Правилникот за безбедност на водата за пиење- истакна раководителот на Центарот за јавно здравје, д-р Тони Коњановски притоа додавајќи:
-Наша препорака е дека неопходно потребно е да се обучат одредени лица или да се назначат субјекти кои ќе стопанисуваат и ќе ги одржуваат водоснабдителните објекти преку редовно механичко и хемиско чистење на резервоарите како и поставување на хлоринаторски станици за вршење на перманентна дезинфекција и дневна контрола на резидуален хлор. Крајно и успешно решавање на проблемот со водоснабдувањето на селските населби е нивно сукцесивно приклучување на градски водовод Битола онаму каде што има можност- ги информираше советниците експертот од Центарот за јавно здравје.
Според д-р Коњановски, во Општина Новаци извршена е дезинфекција на резервозрите во селата Бач, Живојно и Скочивир, земени се мостри и резултатите одговараат согласно Правилникот на вода
за пиење.
-Во Општина Могила од 12 села во општината со над три илјади жители кои се снабдуваат со соптвен индувидуален водовод земени се 14 мостри за пиење, и бидејќи дел не ги исполнуваат критериумите за безбедност на водата за пиење, беа дадени препораки до месното население и Државниот санитарен здравствен инспекторат. Местата кои користат вода за пиење од градскиот Водовод, безбедноста е според правилниците. Извршена е дезинфекција на резервоарите на водата за пиење, посочи д-р Коњановски.
На седницата на општинскиот Совет, беа усвоени оперативен план и програма за спроведување на превентивна систематска дератизација на канализациониот систем и јавната депонија Мегленци и диви депонии во Општина Битола за 2015 година, како и оперативен план и програма за контрола и уништување на комарците на територија на Општина Битола за 2015 година.
Б.В.