Home / Колумни / Година на искушенија

Година на искушенија

За три дена и оваа година ќе стане минато.

Уште само три дена не делат од денот кога ќе и кажеме збогум на оваа, 2016 година и ќе ја пречекаме Новата 2017 година.

За три дена сите ние ќе испишеме уште една страница од својот живот, која уверен сум дека, освен малкумина поединци, најголемиот број од граѓаните на Македонија ќе посакаат што побрзо да ја заборават.

Крајот на годината секогаш е повод за сумирање на постигнатото како и за креирање на нашите животни планови за годината која доаѓа.

Иако,  секој на свој начин и со разни чувства на среќа или тага  ќе ја испрати старата и ќе ја пречека Новата 2017 година, уверен сум дека годината, со која наскоро ќе се збогуваме, најголемиот број од македонските обични смртници ќе сакаат  што побрзо да ја заборават.

Без сомнение 2016 година беше тешка година за најголемиот број од нас.

Тоа беше година во која бевме сведоци на постојано “бомбардирање“  од страна на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, за начинот на владеење на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и експремиерот Никола Груевски, потоа отворањето на судските предмети од страна на СЈО, “шарената револуција“, во која “шарените револуционери“, без во тоа да бидат спречувани од тие кои требаше да се грижат за чување на државниот имот, својот револт од “режимот“, како што велеа, го искажуваа со сквернавење, бојадисување и уништување на државниот имот, политичките договори и преговори, под менторство на САД и ЕУ во Пржино,  закажувањето, па одложувањето на изборите најпрво на 24 април,  па на 5 јуни, како и големите протести, митинзи на двете најголеми политички партии, и одржувањето на четвртите по ред предвремени парламентарни избори.

Во 2016 година Македонија доживеа и преживеа тешка политичка криза, која и те како се одрази на севкупното наше живеење.

Ништо подобра не беше политичката клима ни во Битола. Дури можам да речам дека Битола многу потешко ги преживеа настаните кои се случија во државата.

Кризата и последиците од неа не го одминаа ни Филип Втори, кој беше цел на меѓусебна партиско – политичка пресметка.

Во 2016 година ќе остане запишано дека по налог на СЈО, а со одлука на Основниот суд Скопје 1, во домашен притвор од 3 месеци се најде градоначалникот Владимир Талески, како и неговата десна рака, Слободан  Бончановски и неколкумина други осомничени во случајот со “бесплатниот превоз“, “Транспотер“, кој и те како скапо (ќе) ја чини Битола.

Иако,  Талески и неговите соработници се обидоа да го релативизираат неговото затворање, тврдејќи дека тоа не се одрази на севкупното функционирање на локалната власт, сепак за сите кои одблиску ги следат случувањата во градот повеќе од очигледно беше дека додека Талески беше во домашен притвор, многу работи во Општината беа ставени на “стенд- бај“, а неговото затворање беше повод годинава за прв пат да не се одржи најдолгото и најбогатото културно лето  “Битфест“.

Иако,  се мислеше дека со одржувањето на предвремените парламентарни избори ќе се стави крај на политичката криза во државата, сепак, за жал, тоа не се случи.

Напротив, може да се рече дека завршувањето на предвремените парламентарни избори Македонија влезе во нова, уште подлабока политичка криза, од која барем засега никој не знае  како ќе се извлече.

Резултатите од изборите се такви, што ниту една партија без одредени компромиси или отстапки не ќе може да формира влада.

Иако,  двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се прогласија за победници, сепак, барем додека го пишувам овој текст никој не сака да го признае поразот. А старо правило е дека победници не можат да бидат сите и дека некој мора да биде поразен.

Македонија по 11 декември е пред нов почеток. Влогот по изборите е огромен.

Македонските политички партии се доведоа во ситуација да се наддаваат за милоста на пратениците од албанските политички партии, кои иако имаат разни политички платформи, сепак кога е во прашање конституирањето на Владата имаат исти барања, кои не се ниту нови, ниту пак непознати за македонската јавност.

 

 

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*