Home / Македонија / Груевски:Интензивно се работи на гасификацијата

Груевски:Интензивно се работи на гасификацијата

До јуни годинава треба да биде завршена магистралната делница на гасоводот Клечовце (Куманово) – Штип, во првиот квартал од 2017 година започнува изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Битола, а во финална фаза е постапката за избор на изведувач за изградба на магистралниот  гасовод Штип-Неготино и Скопје-Тетово-Гостивар, информира денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Придобивки од гасификацијата ќе има стопанството преку поевтиниот енергенс кој ќе ја подобри конкурентноста на производството и извозот на производи во странство, развој на нови претпријатија и нови индустриски гранки. Придобивки од гасификацијата има и за граѓаните и тоа директно преку намалување на нивните сметки и тоа за 7 проценти за оние кои се греат на дрво, за 35 проценти за оние кои сега се грејат на струја, и поевтинување за над 50 проценти за оние кои користат друг вид на течни и тврди нафтени горива, истакна Груевски денеска на промоцијата на нов проект за греење со пелети.

Со употребата на природниот гас, рече, ќе се обезбеди поголема заштита на животна средина и намалување на интензитетот на загадувањето.

Со магистралната делница Клечовце (Куманово) – Штип, која ќе биде завршена во јуни, појасни Груевски, природниот гас е достапен за граѓаните и индустријата во Штип, а малку подоцна со изградба на соодветни краци и до Свети Николе и Велес.

Информира дека најдоцна во првиот квартал од 2017 година започнува изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Битола, како продолжение на гасоводот Штип-Неготино, долга 92 километри, која ќе обезбеди природен гас и за Кавадарци, Прилеп и Битола. Тој треба да биде завршен во период од 2-3 години од почетокот на градбата. Во финална фаза е постапката за избор на изведувач за изградба на магистралниот  гасовод Штип-Неготино, во должина од 36 километри, и треба целосно да заврши во четвртот квартал од 2017 година.

Во финална фаза е и постапката за избор на изведувач на изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар, со должина од 76 километри. Изградбата треба да заврши во период од 2-3 години, до јули 2019 што ќе обезбеди природен гас и за целиот полошки регион.

– За изградба на гасоводите Штип-Неготино, Неготино-Кавадарци-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар ќе бидат инвестирани 90 милиони евра, средства кои ќе имаат голема додадена вредност заначјно влијание во економскиот раст на државата и во нови работни места и вработувања. И ова е првата фаза. Паралелно додека овие примарни гасоводи се градат ќе почне проектирање за втората фаза, меѓу кои е и Битола, Охрид, Гостивар, Кичево и повеќе други делници низ Македонија. Исто така, ги интензивираме активностите за поврзување со соседните земји со цел обезбедување на интерконективни гасоводи Македонија-Грција и Македонија-Бугарија, рече Груевски.

Додаде дека паралелно се работи и на изградба на дистрибутивните мрежи на природен гас, со што, како што рече, тој ќе биде достапен за домаќинствата, индустријата и стопанството и јавни установи. Изградбата на дистрибутивните мрежи, рече, ќе овозможи природниот гас да стигне директно до секој дом и компаниите ќе имаат директна можност за избор на природниот гас како поевтина и еколошки чиста енергија.

Појасни дека се работи и на изнаоѓање приватен партнер за гасификација на скопскиот регион односно 17 негови општини. Според Груевски, две компании се наоѓаат во втората фаза на конкурентен дијалог и согласно закон се вршат финалните разговори со нив, и сеочекува дека по рачистувњето на политичките состојби ќе се влезе во финален избор на компанија која ќе го гради гасоводот во Скопје и скопскиот регон кој е проценет на 100 милиони евра, или околу 245 километри нова дистрибутивна мрежа.

– За изградбата на дистрибутивните гасоводи  во западна и источна Македонија наскоро се очекува распишување нова постапка, која како резултат на претходните искуства, сега во себе вклучува многу подобрени и поприфатливи услови за потенцијалните инвеститори. Со оваа постпака ќе бидат опфатени 36 општини во источна и 26 општини во западна Македонија, истакна Груевски.

Тој додаде дека гасификацијата како и денеска промовираниот проект за субвенционирање на греењто со пелети ќе помогне во зачувувањето на животната средина и унапредувањето на здравјето на луѓето.

Направените студии покажале дека најголеми загадувачи се потрошувачите кои користат огревно дрво и оти до 70 проценти од вкупното загадување на воздухот потекнува од загревањето на домовите, и затоа со гасификацијата, која, како што рече, веќе е блиска реалност степенот на загадување драстично ќе опадне, што е многу значајно за здравјето на луѓето кои се изложени на загадување и во самиот дом.

ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски, во изминатите години е силно посветена, ги интензивира и ќе ги продолжи процесите кои значат воведување на природниот гас како нов енергенс и негова употреба вои ндустријата, претпријатијата, јавните објекти и установи, и во домовите на граѓаните. За подобар бизнис, подобро домување, но и за подобра екологија, поздрава животна средина и почист воздух.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*