Апелацискиот суд денеска ги разгледуваше жалбите за мерките за претпазливост изречени од Кривичниот суд за обвинетите во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.
За обвинетите во случајот „Титаник“, меѓу кои поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и поранешните министри за транспорт и врски Мили Јанакиески, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, СЈО бара притвор како мерка за обезбедување присуство. Специјалното јавно обвинителство смета дека обвинетите можат да избегаат и да влијаат на сведоци или на други обвинети. Овинетите, пак, се изјаснија дека не се виновни и побараа укинување на мерките за претпазливост.
Поранешниот премиер Груевски истакна дека не сторил никакво кривично дело поради кое би се плашел и би побегнал. Вели дека едвај чека да почне судењето за да ја докаже својата невиност. Случајот на СЈО, смета Груевски, е политички прогон против него и неговите соработици.
– Со задоволство ќе се појавам на секоја покана од судот и едвај чекам да ја докажам својата невиност пред јавноста. Никогаш не сум помислил да побегнам. Убеден сум дека не постои кривично дело кое сум го сторил и немам причина да се плашам и да бегам. СЈО води политички прогон против мене и моите соработниции. Знам дека нема и не може да има какви било докази оти такви не постојат, рече Груевски.
Тој додаде дека досега имал многу прилики да побегне, оти како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер доста патувал, но секогаш се враќал.
– Се подготвувам да победам на изборите и да ја вратам ВМРО-ДПМНЕ на власт, а СЈО сака да ме спречи во тоа. Мојот политички опонент, против кого има судска постапка, ги одбегнува рочиштата со образложение дека има средби со амбасадори, кои може кога било да ги оствари. Како може за него да нема, а за мене судот да бара мерки, праша Груевски за време на неговото излагање.
Со постапките против мене, посочи, СЈО прави обид за моја политичка дискриминација, деградација и елиминација како и обид за мое понижување.
Груевски ќе го бранат тројца адвокати, Димитар Дангов, Боро Тасевски и Сања Алексиќ. Обвинители од СЈО се Гаврил Бубеваки и Бурим Рустеми.
СЈО во одговорот на жалбата наведува дека Груевски одбегнувал да се јави на распит иако примал покани редовно и оти мерката притвор ќе го обезбеди неговото пристсутво.
Бубевски рече дека има опасност Груевски да влијае врз сведоци и врз другите обвинети и затоа се бара притвор за него. Обвинителот рече дека преку партијата, членството на ВМРО-ДПМНЕ било агитирано да излегува на протестите во Охрид кога СЈО испитувало сведоци.
Според одбраната, обвинението за Груевски е поднесено надвор од законскиот рок во кој СЈО имало право да поднесува обвиненија бидејќи на 30 јуни предметот не бил доставен до Кривичниот суд до 16:30 часот, до кога работи приемното одделение во судот туку подоцна во 21 часот. Според нив, обвинението не било поднесено од овластен тужител поради истекот на рокот од 18 месеци токму на тој ден.
На седницата за мерките изречени на Кирил Божиновски, обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми рече дека бараат притвор поради опасност од бегство и влијание врз соучесниците. – Тој не соработува во истражната постапка. Му се ставаат на товар две кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања. Тој е во врвот на ВМРО-ДПМНЕ и има моќ врз членството. Единствено со притвор може да се спречи тоа влијание, рече Рустеми.
Адвокатката на Божиновски, Сања Алексиќ, рече дека бараат да му се врати пасошот. Тие се повикуваат на тоа дека судот веќе еднаш одбил притвор за Божиновски во 2016 година и дека тој досега не бил осудуван.
– Не сум влијаел врз сведоци и не извршувам државна функција. Редовно се јавувам во СЈО на сите покани. Имам семејство и со нетрпение ја чекам судската постапка, рече Божиновски. За да ја докаже невиноста, Божиновски вети дека редовно ќе се јавува пред судот.
И поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска во Апелација рече дека нема намера да бега и оти сака што поскоро да почне постапката за, како што наведе, да ја докаже својата невиност.
– Ве потсетувам дека за време на предистражната постапка, на 13 февруари 2016 година, беа предложени истите мерки за мене и судот ги одби. Оттогаш до денес сум истиот и не сум го сменил своето однесување. СЈО нека даде доказ дека јас сум ја опструирал постапката. Не сум влијаел на сведоци и немам намера да го сторам тоа. Ветувам дека ќе се јавувам во судот редовно и ќе ја докажам својата невисност, рече Миле Јанакиески на јавната седница пред кривичниот совет на апелациските судии.
Според неговата одбрана, тој се јавувал уредно на сите покани на судот, семеен човек, татко на три деца, веќе не врши државна функција, неговите патувања се сведени на семејни патувања и нема опасност дека ќе побегне. Побара од СЈО околности кои укажуваат на опасност од бегство, а од апелациските судии да им ја уважи жалбата за укинување на мерките за претпазливост.
СЈО остана на барањето на Јанакиески да му се изрече мерка притвор со образложение дека обвинетиот може да побегне и да влијае врз сведоците.
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, рече дека СЈО предлага мерки без никаква основа и оти спроведува политичка агенда. – Не мислам да бегам. Фактите се на моја страна, рече Јанкуловска и побара да и бидат укинати мерките за претпазливост.
Специјалното јавно обвинителство останува на барањето за притвор. Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека сите околности укажуваат оти однесувањето на обвинетата е за целосна негација на СЈО. – Само еднаш се јави во СЈО. Одбегнува да се појавува во СЈО за да ја одолговлечи постапката, рече Бубевски.
Додаде дека таа е една од главните извршителки на кривичните дејствија. Тој рече дека обвинетата презела директни дејствија со кои вршела влијание врз сведоци и дека постои опасност и во иднина да влијае врз сведоци.
Боро Тасевски, еден од четворицата адвокати кои ја бранат Јанкулоска рече дека опасноста за бегство е апстрактна, а таа. пак, дека две години не влегла во МВР и не можела да има влијание врз сведоци.
Обвинетата Јанкулоска рече дека оваа постапка е позната во јавноста повеќе од 2 години и дека не сторила ниту едно кривично дело.
– Работев во интерес на Македонија во институции кои се борат против криминалот, рече Јанкулоска.
Таа се пожали дека обвинителството ѝ дозволило само делумен увид во доказите, посочи дека одговорила на секоја покана на СЈО и оти едвај чека да почне судењето за да ја докаже нејзината невиност.
Во судот денеска не се појави Мартин Протуѓер, за кој одбраната обраложи дека бил на лекување во Будимпешта и по добивањето на известувањето на обвинението се вратил во Македонија и е на боледување. Обвинителите од СЈО по увидот во медицинската документација сметаат дека неговата здравствена состојба не е сериозна и оти Судот може да одлучува.
Седниците во Апелација беа закажани откако СЈО за случајот „Титаник” се жалеше на одлуката на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 со која на обвинетите место притвор, им беа определени мерки на претпазливост. Жалби на одлуката на првостепениот суд поднесе и одбраната на обвинетите. Судот има рок од 48 часа да донесе одлука.