Don't Miss
Home / Економија / Груевски објави нова мерка за плаќање на заостанатите придонеси на рати и со попусти

Груевски објави нова мерка за плаќање на заостанатите придонеси на рати и со попусти

Можност за плаќање на неплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување на рати, најмногу до 24 месеци и ослободување од камата доколку се платат заостанатите придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, најави денеска од Охрид премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски.

Целта на ваквата законска можност, која предевидува олеснување во две ситуации, според него, е да им се помогне на компаниите, на македонските стопанственици, малите бизниси, земјоделците, трговците и на сите самовработени лица.

– На оние што имаат долг по основ на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во период до 31 декември 2008 година, ќе им овозможиме да го платат долгот на рати и тоа на најмногу до 24 месеци во зависност од висината на долгот, а ќе бидат и целосно ослободени од плаќање камата за неплатените придонеси до крајот на 2008 година, информира Груевски.

Доколку некој има долг по основ на неплатени придонеси од пензиско и инвалидско осигурување во периодот од 1 јануари 2009 до 31 декември 2014 година, појасни дека со закон ќе му се овозможи да го плати главниот долг, долгот по основ на неплатени придонеси од пензиско осигурување на 12 или на 24 месечни рати.

– Ако го плати на 12 рати во период од 12 месеци ќе биде ослободен од 70 отсто од каматата, а доколку го плати долгот на 24 рати ќе биде ослободен од плаќање на 50 проценти од каматата земајќи предвид дека од 2009 година имаме интегрирана наплата заснована на бруто плата. Ова ќе помогне за фирми кои одреден период воопшто не исплаќале плата, па следствено на тоа ниту придонеси, истакна Груевски.

Ова, според него, е огромно, значително олеснување за приватниот сектор, за секое правно лице, трговец, индивидуален земјоделец, за секој мал, голем или среден бизнис, за сите оние кои биле погодени од светската економска и европската должничка криза и кои поради тоа западнале во неволја и не можеле да ги платат придонесите за себе и своите вработени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*