.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Македонија / Груевски: Време е да ѝ се стави крај на кризата

Груевски: Време е да ѝ се стави крај на кризата

Продолжуваме заедно напред по нова голема победа што ќе ја добиеме на овие избори.

Продолжуваме со реформи и силно темпо во новото историско време пред нас да работиме сплотено за интересите на нашата држава и нашиот народ, за интерсите на сите наши граѓани, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и носител на листата во ИЕ 4 на вечерашниот централен митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ во Скопје.

Тој додаде дека изборите на 11 декември се крај на кризата и потенцира дека „заедно, сложно и обединето“ коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на се што се случувало изминатиот период и дека сака напредок.

– Вложени се милиони евра во ова сценарио и кампања на опозицијата. Тие што вложувале во ова, не и мислат добро на државата и на вас и вие го знаете тоа. Тие кои ја водат кампањата со опозицијата се истите тие кои се одговорни за кризата во државата, што се одговорни за тоа зошто нашата држава тапка во место во евроатлантските интеграции, и кои имаат лоши планови за нашата држава, тука е и опозицијата која е алатка во ова сценарио и чие работење ви е познато многу добро – нагласи Груевски и додаде дека на изборите „народот е главниот столб на оваа држава, кој ќе си ја одбрани државата и ќе го отплетка јазолот на оваа криза“.

Тој рече дека за опозицијата се својсвтвени теми како „двојазичност, кантонизација, кодошење на државата, криминали на локално и државно ниво, лажни ветувања и потценување на народот“.

– Говорат за слобода на медиуми, а корумпираат купуваат и притискаат медиуми, говорат за корупција, а не можат да се одглават од тендери и перење општински пари по принципот едно ваму едно таму. Тоа е истата гарнитура која уништуваше фабрики кои ние сега со проектот Рестартирање на компаниите – Жртви на транзицијата се подготвуваме да ги обновиме – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, народот на Македонија е единствениот кој може да им прати јасна порака и да го запре продлабочувањето на кризата.

– Сега е моментот кога треба да се потрудиме оваа криза на 11 декември да ја затвориме и да ја претвориме во една можност. Тоа е денот кога сите заедно ќе се спротиставиме на ова сценарио кое што се спроведува во Македонија. Бидејќи народот знае што се случува и што сака – порача Груевски на митингот.

Тој потенцира дека таа одлука има референдумско значење и оти од тоа каков став ќе се заземе сега ќе зависи каква иднина ќе имаат и наредните генерации во Македонија.

– Кризата не направи посилни, поодлучни, подобри, похрабри и поподготвени да се соочуваме со предизвиците и посветено да продолжиме да работиме, заедно со вас.  За нас е важен секој глас и сечие мислење. И ниеден глас не смее да биде потценет. Затоа ние се обраќаме во оваа кампања до сите. Свесни дека до некои ќе допреме но до некои можеби и не – рече Груевски.

Според него, во овие моменти е важно да сите да се обединат заедно за доброто на Македонија и заедно „да го запреме процесот на разнебитување на државата, кој почна со политичката криза“.

– Се избира меѓу двајца кои се кандидираат за премиер, меѓу мене и Зоран Заев. Единствениот избор е избор на оној кој ќе сработи повеќе, кој подобро ќе се справи со економските предизвици, со кого ќе се чувствувате посигурно, кој има подобар кадар и програма, кој држи повеќе до зборот, кој ќе отвори работни места и ќе овозможи повисоки плати, пензии, социјална помош, на кого повеќе му верувате, кој ќе биде достоинствен пред уцени, и со кого нема да се срамите кога еден ден ќе погледнеме назад, кој ќе ги штити државните интереси подобро – изјави Груевски.

Обраќајќи се до неопределените, тој рече да ги погледнат понудите и програмите, но и целото сценарио и да гласаат слободни и по сопствено убедување.

Груевски се обрати и до оние кои размислуваат да гласаат за помалите партии.

– Помалите коалиции се направени наменски со цел да не нагризат нас. Тие нема да имаат ниту еден пратеник, а вашиот глас со тоа ќе отиде во празно, односно ќе отиде во прилог на оние кои се заговорници на ова сценарио во соработка со опозицијата – рече Груевски и додаде дека гласот за нив е глас за опозицијата.

Тој од митингот во Скопје се обрати и до оние кои се членови и поддржувачи на СДСМ.

– Знам дека имаме огромни разлики, знам дека можеби и кај некој од вас има огромна омраза кон нас, и обратно, кај нашите членови кон вас и вашето раководство. Тоа не е добро. И сите ние имаме своја одговорност во тоа. Јас ќе се трудам во идниот период по изборите, да го намалам јазот меѓу Македонците, граѓаните на Македонија, и поделеноста по партиска линија. Меѓу членовите на СДСМ има искрени луѓе и патриоти кои си ја сакаат сопствената држава, ние го знаеме тоа. Многу од вас имате традиција на поддржување на СДСМ, но знам дека не ви е и на вас пријатно кога го слушате сегашниот претседател на СДСМ, како ги распродава националните интереси – нагласи Груевски.

Освен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на митингот се обратија и Никола Попоски носител на кандидатската листа во ИЕ 1, Никола Тодоров во ИЕ 2, Илија Димовски во ИЕ 3, Антонио Милошоски во ИЕ 5 и Влатко Ѓорчев во ИЕ 6.

– Благодариме за оние кои рекоа дека сме добар тим со жар во очите, но не сме совршени. Секогаш сме го сакале она што е добро за Македонија, а со вас, не дозволуваме никој да си поигрува со името – порача Попоски.

Тој нагласи дека државата мора да предводат европски луѓе.

– Не смеат да ве заплашуваат групи од транзицискиот период, без став и без идентитет – рече Попоски.

Тодоров посочи дека се ближел денот кога „народот без никакви уцени, слободно и без притисок самостојно ќе одлучи каква Македонија сака“. Ѓорчев нагласи дека овие избори се нов референдум за Македонија и порача до неопределените гласачите да ги поддржат за да имаат 63 пратеници за зачувување на уставниот поредок. Според Димовски, пак, во наредните четири години ќе се продолжи да се гради и создава, ќе се градат фабрики и ќе се отвораат нови работни места.

– Не се станува премиер со шпионирање, туку ако те избере народот. Имаме многу сојузници од Германија и Австрија, но и претседателот на САД, Доналд Трамп – порача Милошовски.
На митингот во Скопје присуствуваше и австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц.

– Особено ме радува што можам во својство на вашата сестринска партија да бидам вечерва ваш гостин. Особено сме среќни што е Македонија на добар пат кон ЕУ. Што Македонија е многу важен партнер за нас во Австрија – истакна Курц.

Тој изрази благодарност до Македонија за поддршката што ја доби Австрија за бегалската криза.

– Во 2015 година 90.000 бегалци дојдоа во Австрија, а преку еден милион ја минаа нашата држава. Без вашата Влада немаше да бидеме во состојба да ја затвориме балканската маршрута. Многу сум ви благодарен што не подржавте во оваа особено тешка состојба за нас – рече Курц.

 

 

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*