Home / Градска хроника / Ќе се градат соодветни велосипедски патеки

Ќе се градат соодветни велосипедски патеки

Поради конфигурацијата на градот и фактот што има дури над 300 сончеви дена во годината, Битола има одлични услови за користење на велосипедот во сообраќајот.

Битолчани треба да ги остават автомобилите и да ги користат велосипедите како главно превозно средство доколку сакаат да придонесат во намалувањето на загадувањето, предложија претставници од Министерството за животна средина при неодамнешната посета на градот. Ваквата идеја најпрво предизвика негодување кај голем дел граѓани на Битола, бидејќи тие се сведоци дека во градот недостигаат велосипедски патеки. Сепак, на социјалните мрежи битолчани ѝ дадоа поддршка на ваквата идеја и побараа изградба на соодветна инфраструктура, со што на велосипедистите би им се олеснило движењето. На ваквото барање не останаа должни градските власти, кои најавија дека ќе се градат низа велосипедски патеки.

Над 300 сончеви дена

Раководителката на информативниот центар при Министерството за животна средина и просторно планирање Светлана Георгиева при неодамнешната посета на градот изјави дека Битола поради конфигурацијата на градот и со фактот што има дури над 300 сончеви дена во годината има одлични услови да се определи за користење на велосипедот во сообраќајот.

– Битолчани слободно можат дури седум месеци во годината да возат велосипед, бидејќи тоа го овозможуваат временските услови. Иако таа не е единствената мерка што ќе ја спаси Битола од загадувањето, сепак мислам дека е мошне добра бидејќи, покрај другите загадувачи што ги има во градот, во голема мера Битола е загадена и од огромниот број возила што се вклучени во сообраќајот. Со враќањето на велосипедот како превозно средство во Битола во голема мера не само што ќе се растовари сообраќајот туку и ќе се прочисти воздухот – рече Георгиева.

Градскиот парк како велосипедска патека

Стојан Дамјановски, инаку познат спортист, а сега пензионер, во последниве години редовно го користи велосипедот како превозно средство. Тој одамна му кажа збогум на автомобилот и постојано е на велосипед. Покрај него има и голем број други битолчани, вљубеници во велосипедот. Но, за жал, сите се жалат дека во Битола нема никакви услови да се вози велосипед.

– Иако јас сум искусен велосипедист, можам да кажам дека возењето велосипед во Битола е опасно и ризично. На ниедна улица во градот нема велосипедска патека. Во таква ситуација јас најчесто возам во Градскиот парк, каде што навистина условите се добри, но и таму веќе стана густо, бидејќи покрај велосипедисти има и голем број деца и пешаци. Има денови кога со велосипедот возам дури до грчка граница, а и до Бистрица, но на тие релации е премногу ризично да се вози – вели Дамјановски.

Дека во Битола велосипедот повторно се враќа во мода најдобра потврда е големиот одѕив на битолските велосипедисти за време на акциите „Ден без автомобили“ и „Битола на точак“, на кои учествуваа голем број граѓани од сите возрасти. Иако во Битола има одлични климатски услови за користење на велосипедите, досега во градот под Пелистер нема ниедна велосипедска патека, па така најчесто велосипедистите возат во густиот сообраќај во градот, притоа ризикувајќи да бидат повредени. Не е мал бројот на велосипедистите што настрадале во сообраќајот во Битола, а некои сообраќајки биле дури и со смртни последици.

Кружен тек за велосипедистите

Токму поради ваквите причини, а и сѐ поактуелното залагање на битолчани за чист воздух во Битола, локалната самоуправа и градоначалникот Владимир Талески најавија изработка на проект за изградба на велосипедски патеки.

– Точно е дека Битола досега нема велосипедска патека. Токму поради тоа и големиот интерес за враќање на велосипедот во сообраќајот во Битола ние побаравме изработка на проект за изградба на посебни велосипедски патеки. Тие би биле изградени од кај самиот влез на градот, кај Дулието, потоа по улицата Иван Милутиновиќ, булеварот 1 Мај, Васко Карангелевски, Партизанска и Прилепска. На тој начин би се добил практично кружен тек за велосипедистите низ целиот град – вели Маријана Спасевска, раководителката на Секторот за комунални дејности.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*