Don't Miss
Home / Култура / Милчо Манчевски на “ Браќа Манаки “

Милчо Манчевски на “ Браќа Манаки “

На годинашниот филмски фестивал „Браќа Манаки” гостин ќе биде и прославениот македонски филмски режисер Милчо Манчевски.
Тоа денес го соопштија организаторот на фестивалот и генералниот спонзор, мобилниот оператор ВИП.
Во соопштението испратено до медиумите меѓу другото се вели дека Фестивалот “Брака Манаки” со огромно задоволство најавуваат дека во годината кога се навршуваат 20 години од премиерата на филмот “Пред дождот“  и кога Друштвото на филмски професионалци на Република Македонија заслужено му ја доделува наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм” на Милчо Манчевски – нашиот најуспешен филмски режисер – вклучуваат уште еден специјален настан во дополнителната програма – јавен разговор со Манчевски.

Истиот,  ќе го модерира филмскиот критичар и уметнички директор на ИФФК “Браќа Манаки“, Благоја Куновски-Доре, на 19 септември во малата сала на Центарот за култура од 15 часот.
Гледачите ќе имаат ретка можност да поразговараат лично со единствениот македонски добитник на Златен лав во Венеција и кандидат за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, за барем една од неговите бројни уметнички преобразби – фотографија, видео-спотови, реклами, филмови, кратки раскази. Во склоп на разговорот првпат ќе биде прикажан на големото платно во Македонија и неговиот кус филм “Четврток” кој, освен што имаше светска премиера на отворањето на Филмскиот фестивал во Венеција, пред извесно време беше награден на 44-то издание на УСА Филм Фестивал што се одржа во Далас, Тексас.
Освен Манчевски, деновиве во Битола ќе биде присутна и Лабина Митевска, актерка од филмот “Пред дождот“, а најавено е доаѓањето на главниот актер, Раде Шербеџија, што ќе биде убав повод да се обедини екипата после толку години и да се обележи јубилејот на веројатно најголемиот македонски филм досега.
Претходно, во соработка со Кинотеката на Македонија публиката ќе има ретка можност на едно место да го погледне целокупниот опус на играните филмови на македонскиот режисер и тоа
Прашина (2001) на 14 септември,
Сенки (2007) на 15 септември,
Мајки (2010) на 16 септември,
Пред дождот (1994) на 18 септември.
Сите проекции ќе се одвиваат во малата сала на Центарот за култура од 22 часот и уште сега постои огромен интерес меѓу публиката.
Како што беше објавено, 35-тото издание на „Браќа Манаки” ќе се одржи од 13 до 19 септември. Во Битола доаѓа една од најголемите светски актерки, Оскаровката Жулиет Бинош. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300” за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300”, Англичанецот Крис Менџис. Два македонски филма ќе ги имаат своите премиери, До балчак на Столе Попов и Децата на сонцето на Антонио Митриќески. Вкупно 76 филма во осум категории ќе бидат прикажани на Фестивалот, меѓу кои и омаж на Милчо Манчевски. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот “Кон ѕвездите“.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*