Home / Економија / Многу прав се крена околу изградбата на каменоломот

Многу прав се крена околу изградбата на каменоломот

Податоците што деновиве на седница на советот ги соопштија некои од советниците на опозицијата се загрижувачки и, во најмала рака, алармантни. Во Битола моментно над 2.041 граѓанин се лекуваат од карцином. Грижата за здравјето на луѓето, а пред сѐ за болните од карцином, деновиве натера дел од граѓаните на Битола и советниците на опозицијата повторно да ја актуализираат темата со загадувањето на воздухот во градот под Пелистер, кој со почетокот на грејната сезона повторно ги задушува битолчани.

Во така напрегната ситуација, наместо да се размислува како да се намалат последиците од загадувањето на воздухот во Битола, во непосредна близина на градот, на месноста Билбил Камен, се отвора рудник, во кој ќе се врши експлоатација на камен и перлит.

Тоа што особено ја иритира битолската јавност, а деновиве беше предмет на жестока политичка дебата во советот на општината, е што иако концесионерот за експлоатација на рудникот, фирмата „Стентон градба“, веќе на големо ги привршува подготвителните работи за изградба на каменоломот, тој сѐ уште нема добиено интегрирана еколошка дозвола Б, која ја издава општината Битола, а без која концесионерот не може да работи на рудникот.

Дека фирмата „Стентон градба“ што се јавува како концесионер нема интегрирана дозвола Б деновиве потврдија и советниците на владејачкото мнозинство, кои соочени со фактите на опозицијата признаа дека оваа компанија, која треба да стопанисува со каменоломот, досега нема извадено соодветна дозвола.

Тоа што дополнително ја иритира битолската јавност е што концесионерот не само што за изминатите 10 месеци не успеал да извади интегрирана дозвола Б туку тој досега не ни поднел барање за издавање таква дозвола до општинската администрација.
– На последната седница на советот, општината Битола директно потврди дека му нема издадено дозвола на каменоломот во месноста Билбил Камен, поради тоа што операторот е задолжен да ги заврши сите мерења што се карактеристични за таков вид дозволи. Дали со тоа општината потврди дека каменоломот нема интегрирана дозвола Б за работа? Тогаш, со каква дозвола се одвиваат работните активности во каменоломот – праша советникот на СДСМ Горан Козаров, кој притоа го постави и прашањето зошто Битола е единствена општина во Македонија што нема ниту еколошка програма ниту еколошки катастар. Поради тоа што „Стентон градба“ сѐ уште нема извадено интегрирана еколошка дозвола Б, таа мора итно да престане со експлоатација на каменоломот, смета советникот на ЛДП, Александар Касапов.

– Лично мислам дека мене ми е сосема јасно зошто фирмата „Стентон градба“, и покрај огромното незадоволство на битолчани од отворањето на каменоломот над Билбил Камен, се прави глува и едноставно се однесува како да не е оттука, бидејќи неа ја интересира само профитот. Јасно ми е и зошто советниците од владејачкото мнозинство мораат да црвенеат и да се потат што треба да го бранат тоа што и самите се свесни дека не треба да се брани, веднаш над градот, кој подолго време со сочува со проблемот на загадувањето, да се гради рудник за експлоатација на камен и перлит.

Но никако не можам да сфатам како фирмата „Стентон градба“, која тврди дека за изградба на каменоломот ги поседува сите (еколошки) дозволи од Министерството за економија и екологија, во целиот овој изминат период од десетина месеци нема извадено интегрирана еколошка дозвола Б. Нивната дрскост оди дури дотаму што, како што сме информирани од општинската администрација, тие досега ниту поднеле барање за добивање таква дозвола. Како мислат да работат без неа на каменоломот, не ми е јасно. Затоа ние, како ЛДП, бараме сѐ додека концесионерот не ги комплетира сите документи и додека не извади интегрирана еколошка дозвола Б од општината Битола, да престане со каква било експлоатација во каменоломот – вели советникот на ЛДП, Александар Касапов.

Свој став за тврдењата на концесионерот има и претседателката на советот, Силвана Ангелевска.
– Фирмата „Стентон градба “ во изминатиот период во неколку наврати излезе во јавноста дека ги поседува сите потребни документи за стопанисување со каменоломот и дека тие дозволи не се во надлежност на општината, туку ги издава Министерството за економија и екологија. Што се однесува до тоа дали има интегрирана дозвола Б, колку што мене ми е познато, таа нема таква дозвола, зашто според нивното мислење таа е потребна само доколку вршат експлоатација на рудникот, а сѐ додека вршат само истражување, како што тоа го прават во моментот, таква дозвола не им е неопходна – вели Ангелевска.

Инаку, во врска со најновите обвинувања од опозицијата, од страна на концесионерот уверуваат дека изградбата на каменоломот се одвива врз основа на добиената концесија од страна на Министерството за економија и според законот, со почитување на сите законски прописи и врз основа на добиените одобренија од сите надлежни државни институции.

– Доколку, како што тврдат неупатените, со изградбата на каменоломот дојде до загадување на воздухот во Битола и тоа негативно се одрази врз здравјето на битолчани, а тоа го докажат релевантни државни институции, а не обични лаици, ние сме подготвени веднаш да прекинеме со експлоатација на каменоломот – уверуваат од „Стентон градба“.

Да потсетиме, концесијата за отворање рудник ја доби оваа фирма дури откако компанијата од Тетово што победи на тендерот се откажа од изградбата на каменоломот и Министерството за економија ѝ ја одзеде концесијата.

Фирмата, покрај тоа што е изведувач на многубројни инфраструктурни проекти во Битола, изразува подготвеност со свои средства да учествува во покривањето на сите трошоци на институцијата што ќе изработи ревизија на проектот.

Доколку ревизијата покаже дека со изградбата на каменоломот дојде макар до минимално загадување на воздухот во Битола, тие уште истиот момент, без разлика на вложените средства, ќе ги стопираат сите работи.

 

 

 

 

Автор: М.Младеновски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*